Електричните тротинети присутни по тротоари и коловози Фото: Игор Бансколиев

Жена што управуваше електричен тротинет доби тешки повреди во сообраќајна несреќа со автомобил. Се поставува прашањето чија е одговорноста за несреќата и дали воопшто возачите на електричните тротинети може да подлежат на некаква одговорност ако електричните тротинети не се сметаат за превозни средства и се надвор од законска рамка

Скопјанка на возраст од 41 година што управувала со електричен тротинет доби потешки повреди и заврши во болница по сообраќаен инцидент со автомобил. Ова е веројатно првата несреќа во која потешко настрада возач на тротинет или можеби првата за која знае јавноста, бидејќи од МВР не ни потврдија дали ова е и единствената досега, откако електричните тротинети навистина се намножија по скопските улици. Тие сѐ уште не се дефинирани во законска рамка, дали се сметаат за сообраќајни средства или се само реквизити за забава. Но сериозноста со која се среќаваат во сиот сообраќаен метеж по улиците и несреќите што почнаа да се случуваат налагаат еден посериозен пристап и можеби нивен третман на превозни средства. Ако тие сѐ уште не се во законска рамка, се поставува прашањето чија е одговорноста во случајов со сообраќајната несреќа, иако тоа не се знае во моментов. Потоа дали воопшто корисниците на електричните тротинети може да подлежат на некаква одговорност доколку се виновни и како ќе се третираат нивните возачи во ваквите несреќи сѐ додека не се формализира законската рамка за електричните тротинети?

Од друга страна, пак, промовирањето од градските власти за користењето и субвенционирањето на електричните тротинети направи тие да станат позастапени и попопуларни. Нивната висока еколошка вредност, малата тежина и големина, подвижност и брзина ги прават добри превозни средства во урбаната средина. Но истите карактеристики ги прават овие уреди тешки за класификација и одредување во правна рамка. Последните информации од МВР беа дека се прават напори електричните тротинети да се вметнат во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Од МВР не ни одговорија конкретно што во вакви случаи кога ќе се случи сообраќајка, а учесник е и некој што управувал електричен тротинет, колку тој ќе има последици ако законски не е обврзан.

– Во врска со вашето барање за информации поврзани со сообраќајна незгода што се случи на 4.9.2019 на крстосницата од бул. Крсте Мисирков и бул. Гоце Делчев, во која учествувале патничко возило „мерцедес 320“ со скопски регистарски ознаки и електричен тротинет, управуван од скопјанка на 41 – годишна возраст, Одделението за увиди на сообраќајни незгоди при СВР-Скопје изврши увид на местото, а се обезбедуваат и други докази од настанот. По комплетирање на увидниот материјал, тој со соодветен поднесок ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство за понатамошна постапка – велат од МВР.

Оттаму не прецизираа по која законска рамка ќе се утврдува одговорноста и дали електричните тротинети се изземени од одговорноста при сообраќајот. Но фактот дека стануваат сѐ поприсутни во сообраќајот не може да се изземе. Тоа го потврдуваат и известувањата на градот Скопје, кои зборуваат за тоа дека се исцрпуваат финансиите наменети за субвенционирање на електричните тротинети. Нивното зголемено присуство по тротоарите, велосипедските патеки и коловозите само зборува за потребата од нивно итно нивно сместување во законска рамка, каде можат да се возат, со колкава брзина, од која, па и до која возраст некој може да користи електричен тротинет и слично.


И другите земји имаат проблеми со електричните тротинети

Пред еден месец 35-годинашната телевизиска презентерка и јутјуб-ѕвезда, Емили Хартриџ загина во несреќа со електричен тротинет во Лондон. Таа почина откако нејзиниот тротинет се судрил со камион на обиколницата во Батерси во југозападен Лондон. По оваа несреќа се случи уште една, во која настрада 14-годишно момче, кое доби сериозна повреда на главата откако се судри во автобуската постојка во Бекенхам. По несреќата е превезено во болница, каде што лекарите утврдија дека е во критична состојба. Овие примери само покажуваат колку е сериозно возењето на електричните тротинети на патишта. Во Англија законот не дозволува користење електрични тротинети, тие не се сметаат за возила и затоа не смеат да се возат по пат. Законските регулативи не дозволуваат возење електрични тротинети на патишта и тротоари, единственото место каде што можат да се возат е на приватно земјиште. Министерот за транспорт Мајкл Елис при средба со фирмите за продавање електрични тротинети во медиумите изјави дека тие мораат да ги предупредат и да им кажат на потрошувачите за законот пред да купат или изнајмат електричен тротинет.
– Производите за микромобилност се појавуваат во земји низ целиот свет и се возбудлива иновација за која знаеме дека има побарувачка. Сепак, безбедноста секогаш мора да биде наш главен приоритет кога се размислува за нивната употреба на јавните автопатишта во оваа земја. Испитуваме дали тие може да се користат безбедно на патот и, ако е така, како треба да се регулираат за да се обезбеди безбедноста на јавноста. Сепак, компаниите мора да разберат дека разгледувањето на законите не мора да значи дека законите ќе се променат. Луѓето што користат електрични тротинети треба да бидат свесни дека во моментов е нелегално да ги возат по тротоар и на пат – вели министерот Елис за „Гардијан“.