Разговорите меѓу претставницте на ЕВН, дел од жителите од бул. „Македонско Косовска бригада“ и локалната самоуправа завршија со предлог решение за проблемите со снабдувањето со електрична енергија кои се јавуваат речиси секоја зима кај овие корисници, информираат од ЕВН Македонија.
Договорено е, на екипите на ЕВН да им се овозможи да го санираат дефектот и од утре да почнат со реконструкција на дистрибутивната мрежа со што ќе се добие сигурно снабдување и ќе се стави ред во користењето на електричната енергија.
– Граѓаните ветија дека додека се санира дефектот ќе ја користат енергијата разумно и нема да ја попречуваат реконструкцијата на мрежата. Ако се испочитува договореното ќе биде надминат проблемот со снабдувањето при ниски температури и зголемени товари во мрежата – посочуваат од ЕВН Македонија.
Жителите во близина на капелата на Градските гробишта Бутел вчера попладне ја блокираа крстосницата меѓу улиците „Босна и Херцеговина“, „Александар Урдаревски“ и „Кемал Сејфула“ откако претходно три дена биле без напојување со електрична енергија.