Лицата што го употребуваат мобилниот телефон при возење претставуваат закана за сообраќајот. А, на мобилни телефони додека возат зборуваат не само граѓаните туку и професионалните возачи во јавниот градски превоз, па и некои таксисти
Зборувањето на мобилен телефон при управување возило можеби не претставува директна причина за настанување на сообраќајна несреќа, но последиците од неговата употреба може да доведат до предизвикување сообраќајка. Тоа значи дека лицата што го употребуваат мобилниот телефон при возење претставуваат закана за сообраќајот. А на мобилни телефони додека возат зборуваат не само граѓаните туку и професионалните возачи во јавниот градски превоз, па и некои таксисти.
Според билтенот на Министерството за внатрешни работи, пред неколку дена биле санкционирани 23 возачи што зборувале на мобилен телефон. Според Законот за безбедност на патниот сообраќај, возачот на моторно возило за време на управување на возилото не смее да користи мобилен телефон, ниту други уреди со кои на кој било начин му се намалува можноста за реагирање и сигурно управување со моторно возило. Во спротивно, се предвидува казна со платен налог во износ од 40 евра за несовесниот возач, односно му се регистрираат 25 негативни поени во согласност со одредбите од овој закон. МВР годинава спровело 3.675 мерки за несовесни возачи што користат мобилен телефон при управување со возило. Од РСБСП велат дека како воспитна мерка некои од возачите ги повикуваат на советување или гледање филмови, но не конкретизираа дали тоа има посебен ефект и дава одредени резултати.
– Од 1 јануари до 13 декември годинава, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи во Скопје има изречено вкупно 3.675 мерки против возачи што користат мобилен телефон при управување возило, односно во согласност со членот 24 став 5 од ЗБСП – велат од МВР.
Анкетното истражување што го спроведе РСБСП во изминатиот период покажа дека во Република Македонија, 63 отсто од возачите користеле мобилен телефон додека возат. На светско ниво истражувањата покажуваат дека мобилниот телефон е причина за 20-25 отсто од сообраќајните незгоди. Овие несреќи се последица на погрешно извршени или неизвршени дејства во сообраќајот. Со други зборови, директна причина за предизвикување сообраќајна незгода е поминување на црвено светло на семафорот, непочитување на правилото за првенство на минување, непочитување на поставената сообраќајна сигнализација, недржење безбедно растојание, незастанување на возилото на пешачки премин. Но ваквите опасни дејства во голем дел може да бидат предизвикани од нефокусираното учество во сообраќајот што е последица на употреба на мобилен телефон за време на управувањето со возилото. Во таков случај граѓаните што се однесуваат несовесно и зборуваат на мобилен телефон додека возат, го загрозуваат својот но и животите на другите учесници во сообраќајот.
Според РСБСП, пишувањето пораки и зборувањето на мобилен телефон кога се учествува во сообраќајот е опасна и лоша навика, која е причина за голем број загинати и повредени лица во сообраќајни несреќи. Кај несреќите предизвикани од учество во сообраќајот под одвлечено внимание отсуствува можноста на возачот да презема дејства за намалување и амортизирање на последиците од сообраќајната незгода. Особено се опасни несреќите во кои учествуваат пешаци, бидејќи при одвлечено внимание многу често возачот станува свесен за незгодата откако возилото веќе удрило во пешакот.
– Без разлика дали возите велосипед, автомобил или, пак, сте пешак, РСБСП им препорачува на сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и фокусирани во сообраќајот. Последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни и опасни за да си дозволите неодговорно и расеано учество во сообраќајот.
Сите се еднакво одговорни за безбедноста во сообраќајот, ниеден разговор, ниедна работа, известување, порака, не е и не може да биде поважно од животот и здравјето на кој било учесник во сообраќајот. Ниеден разговор, ниедна работа, не е достојна за една капка крв, за една солза пролеана на улиците и патиштата. Затоа, оставете го мобилниот телефон настрана секогаш кога учествувате во сообраќајот – вели секретарот Ристо Манчев од РСБСП.
Во Република Македонија не постои прецизна статистика колку сообраќајни незгоди се предизвикани директно како последица на користење мобилен телефон при управување со возилото, но евидентно е дека мобилниот телефон го користат голем број возачи.