Еколошкото здружение „О2 иницијатива“, со реакција и фотографии на социјалните мрежи, протестира за исечени здрави повеќегодишни дрвја во рамките на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Од градот изјавуваат дека се сечат стари и скапани дрвја
„На просторот на клиничкиот центар ’Мајка Тереза’ се исечени неколку здрави повеќегодишни дрвја. Не се жртви на ковид-19, туку се жртви на негрижата и односот кон зеленилото“, се наведува во реакцијата на еколошкото здружение „О2 иницијатива“, кое со фотографии од местото на настанот го илустрира својот протест изразен на социјалните мрежи.
„Претходно се сечеа дрвјата во близината на Инфективната клиника, не реагиравме, со оглед на тоа што имавме разбирање дека се брза да се постави што поскоро полската болница за прием на нови пациенти. Но најновото сечење во близината на Детската клиника и околу паркингот покажува дека ситуацијата со пандемијата се искористува и за постапки што не се најсоодветни.
Имаме разбирање за градежните зафати за конечно уредување на просторот околу клиниките, за проширувањето на улиците и исцртувањето нови паркинг-места, но инсистираме да се зачуваат преостанатите зелени површини и да не се сечат старите дрвја, кои му даваа посебен белег на Клинички“, пишуваат на социјалните мрежи од „О2 иницијатива“.
По нивната реакција, побаравме одговор од градот. Оттаму уверуваат дека има исечени, но тоа биле стари дрвја, изедени од црвот на времето.
– На посочената локација, по барање на Министерството на здравство, издадено е решение и извршено е сечење на неколку стари и скапани дрвја. Дополнително се издадени решенија и за кастрење на гранките, како и за уредување на крошните на неколку други во кругот на Клиничкиот центар – изјавија од Град Скопје.
Сечењето дрвја во градот и уништувањето на зеленилото речиси секогаш предизвикувале бурни реакции од граѓаните и еколошките здруженија и организации.
– Што се однесува до дрвјата во Клинички, сечењето на неколку дрвја најверојатно било нужност, но, во принцип, не се согласувам со постапките за сечење на ниту едно дрво, за што и да станува збор, особено не за проширување дуќани, приватни објекти, па и за потреби на државни институции. А тоа во Скопје се прави секојдневно. Има многу случаи кога луѓето ќе се согласaт да платат казна, но потоа си ги реализираат плановите. А сите знаеме дека нема цена за ниту едно исечено дрво, кое тешко може да се надомести. Многу шума се исече на Водно, како за потребите на гасоводот, така и за други потреби, и никому ништо. На едно дрво му се потребни 20 години да порасне за да нѐ снабдува со кислород, а се сече за пет минути. Во ситуација кога имаме загаден воздух и сега ова со коронавирусот, ние си ги „сечеме“ нашите бели дробови – објаснува д-р Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје-Скопје.
Против сечењето на секое дрво без претходно утврдена состојба и без дозвола се и урбанистите, кои долги години се сведоци на бетонизацијата на многу зелени градски површини.
– Постои закон за урбано зеленило и секое сечење треба да е проследено со соодветни дозволи за сечење. Најпрвин треба да се види зошто се сечат и треба ли да се сечат тие дрвја и тоа мора да е законски регулирано. Ова ме изненадува сега да се сечат дрвја, за време на една ваква пандемија, и не треба сите да се правдаат со нешто. За сѐ си има закон, само треба да се почитува. Во Град Скопје постои одделение за екологија и тоа треба да си поведе сметка за ваквите примери што се случуваат. Со последниот закон за урбаното зеленило и дополнувањата што беа донесени, всушност, се дефинираа правилата за да се спречат евентуалните масакрирања.
Во Законот е пропишано дека 20 отсто од секоја градежна парцела треба да има зеленило, токму за да се спречи таа бетонизација што се правеше во градов – објаснува Благоја Тагасовски, од скоро пензиониран урбанист од проектантската куќа „Ин пума“.
Тој додава дека поради Градскиот парк и парк-шумата Гази Баба, кои се во градското јадро, се смета дека Скопје има пристојна површина од зеленило. Лично учествувал во една анализа кога се носел ГУП на Скопје во 2002 година, со која бил утврден податок дека Скопје има по 13 квадратни метри зеленило на жител, што, според него, и не било толку лошо. Но како е сега, не знае. Тој вели дека различни градови имаат различни површини. Прага, главниот град на Чешката Република, тогаш имала седум квадратни метри зеленило по жител, а Хелсинки, главниот и најголем град на Финска, бил со над 30 квадратни метри.
Екологистите во нашиов град сега не сакаат ни да помислат на тоа да се сечат дрвја од која било причина, особено не за урбанизацијата што агресивно го напаѓа зеленилото во градов.
– На граѓаните на Скопје треба да им биде важно секое дрво, бидејќи зеленилото ги впива сите штетни честички и произведува кислород. Ние и онака цела зима имавме загаден воздух, а во средините каде што живеат луѓе со многу загаден воздух, ризикот за смртност од болести или вируси е многу поголем. Во урбаните средини, каде што има големо загадување, луѓето имаат тешкотии со дишењето, имаат проблеми со респираторниот систем. Тоа ни го покажува и сегашнава ситуација со коронавирусот, кој ги напаѓа респираторните органи. Затоа секое дрво е важно – нагласува Антонио Јовановски, извршен директор на невладината „Гоу грин“.