Остатоци од храна, но и стари душеци, градежни материјали и шут често може да се забележат покрај контејнерите во многу скопски населби

На почетокот на август, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје реализира акција за миење и за дезинфекција на голем дел од контејнерите во повеќе скопски општини. Во рамките на акцијата беа променети и 155 дотраени контејнери на 28 локации во главниот град. Промената и дезинфекцијата на контејнерите направија голема разлика, бидејќи на локациите на кои се поставени садовите веќе не мирисаше ужасно и можноста за ширење зарази, особено поради високите температури, беше сведена на минимум. Од 9 август до денеска, комуналците дополнително поставија уште 52 контејнери на 38 локации во градот, во општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир и Кисела Вода, а од „Комунална хигиена“ најавија дека во другите делови од градот дополнително ќе се менуваат и кантите. Според најновото соопштение на јавното претпријатие, тие во периодот од почетокот на годината до месец јуни собрале и транспортирале 74.301 тон комунален отпад од скопските домаќинства, или просечно по 411 тона дневно.

Направени се 14.649 тури, во просек по 81 тура дневно. Во однос на минатата година, количеството собран и транспортиран отпад годинава е поголемо за 1.887 тона, како и бројот на турите, кој е погoлем за 340 тури. Дополнително, се расчистуваа и диви депонии и локации на кои има исфрлено кабаст отпад.

Но скопјани се прашуваат дали е доволно само со акции или е потребно редовно дезинфицирање на садовите за отпад. За нив тука се проблемите што ги мачат веќе со децении, па, така, оние контејнери што не беа заменети повторно се и преполни и шират непријатна миризба.

А непријатната реа од контејнерите најчесто е предизвикана од различните видови биоразградлив отпад, односно од стара и расипана храна, овошје, зеленчук и секаков друг вид отпад, кој не е препорачливо да се исфрла без соодветно да се спакува. Комуналците порачуваат овој тип ѓубре соодветно да се спакува во ќеса за да биде херметички затворен и да не создава смрдеа. Така контејнерите помалку ќе привлекуваат бездомни животни, кои исто така можат да шират зараза.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат дека кога е во прашање биоразградливиот отпад веќе имаат пилот-проект што ќе го реализираат кај индивидуалните домаќинства, за да ја избегнат оваа појава на ширење непријатна реа од садовите за отпад.

– Многу скоро планираме да реализираме пилот-проект кај оние што живеат во индивидуални куќи. На овие домаќинства ќе им бидат поделени по две пластични канти, од кои една ќе треба задолжително да ја користат само за фрлање биоразградлив отпад – објасни Ана Марија Бранѓолица, одговорна за информирање во ЈП „Kомунална хигиена“.

Она што е особено важно за ѓубрето пократко да се наоѓа во контејнерите и да не се засмрдува е почитувањето на времето за исфрлање на отпадот, кое е испишано на налепниците што се залепени на контејнерите. Термините, пак, назначени на налепниците се различни во различни делови од градов и тие се поврзани со динамиката на подигањето на отпадот од страна на комуналците.

Важно е да се напомене дека и на новопоставените контејнери има такви налепници на кои јасно пишува од колку до колку часот може да се исфрла отпадот со дополнителна назнака дека е забрането во ваков вид садови да се исфрла градежен отпад. За жал, повеќето од граѓаните или не се информирани или воопшто не обрнуваат внимание на овие насоки, па затоа често садовите се преполни и ги нагрдуваат населбите. Почитувањето на редот за подигнување на отпадот од јавните контејнери, но и од кантите за индивидуални домаќинства е од исклучителна важност, бидејќи исфрлањето по времето на подигање ги предизвикува овие несакани појави, миризби и проблеми со бездомни животни што се собираат околу садовите.

Редот на подигање е особено важен за локациите каде што кантите се подигаат со динамика, која е само двапати неделно и се поставува прашањето дали „Комунална хигиена“ треба и мора да ја зголеми фреквенцијата на подигање на отпадот, за џебовите на локациите на кои се поставени контејнерите и просторот околу нив да бидат чисти и да се намали можноста за намножување бактерии на овие високи летни температури.

Граѓаните од повеќе населби се незадоволни од фреквенцијата на празнење на садовите за отпад, но свесни се и дека некои од нив не го почитуваат времето на исфрлање на сметот, а исфрлаат и секаков вид отпад во контејнерите.

– Кај нас во населбата контејнерите се полни цело време. Околу нив луѓето оставаат најразлични остатоци од храна, овошје и зеленчук, па има многу инсекти и голем број мачки и кучиња, кои цело време копаат по ѓубрето. Капак на сè, тука има луѓе што покрај контејнерите оставаат и градежен шут, стар мебел и гранки од дрвја, што секако дополнително создава дополнителни проблеми – вели Мартин Ј. од населеното место Хром, во општината Ѓорче Петров.

Кога станува збор за дезинфекцијата на садовите, како и за чистењето на џебовите на локациите на кои се поставени контејнерите, претпријатието освен акциски, тврди дека ги дезинфицира и редовно, односно еднаш месечно. За дезинфекција садовите се носат во центарот за селекција во Карпош, а кога се дезинфицираат контејнерите, велат, се дезинфицираат и џебовите и земјиштето на кои тие се поставени.

Чистите улици, контејнери и соодветното селектирање и пакување на отпадот, особено во густо населените градски средини е од корист за секој граѓанин. Со почитување на правилата, времето и работата на „Комунална хигиена“, но и со нивна редовна и исправна работа, може да се создаде чиста и здрава средина за секого. Дотогаш скопјани, покрај загадениот воздух, ќе продолжат да се задушуваат и од одвратната миризба што доаѓа од преполните контејнери.


Палењето отпад ги топи пластичните контејнери

На повеќе локации во градот, ЈП „Комунална хигиена“ има поставено и пластични контејнери, во кои често се пали отпад. Овие садови, поради материјалот од кој се направени, доколку се пали отпадот во нив, се подложни на топење. Од претпријатието посочуваат дека често се соочуваат со проблеми поради невнимание на угостителски објекти што фрлаат храна, но и жар од скарите, која не е целосно изгасната, па се случува тие многу лесно да пламнат. Според информациите од „Комунална хигиена“, на овој или на сличен начин, минатата година се опожарени 214 пластични контејнери и поради тоа му е предизвикана штета на претпријатието во висина од дури 1.759.460 денари.
Одговорните за хигиената во градот имаат формирано и таканаречена еко-патрола, која се движи низ градските населби и има цел да ги опоменува граѓаните, како за ваквите примери така и за тоа да го фрлаат отпадот во предвидените термини, и да посочува дека градежниот шут и кабастиот отпад не е за во контејнер. Оваа патрола нема ингеренции да санкционира по Законот за јавна чистота и колку апсурдно и да звучи, има задача да ги научи граѓаните како се користат контејнерите и катните за отпад.