Облаци од прав се креваат по улиците во чија близина има градилишта, а поради тоа граѓаните не можат да поминат пеш по тие сообраќајници. Така е по улиците во централното градско подрачје, близу актуелните градилишта зад ТЦ „Рамстор“, а така е и на булевар Босна и Херцеговина, кај старите општински и судски бараки. И на ова градилиште, како и на сите други, постојано влегуваат и излегуваат камиони со земја, а од она што се истурило по булеварот се креваат облаци од прашина, кои се најголеми во периодите од денот кога има голем сообраќаен метеж. Така е во утринските и попладневните часови. Ако на ова се додаде дека улиците не се мијат со денови, се добива јасна слика за нечистотијата и загаденоста на околината.
Пешаците што во метежот ќе се најдат на пешачкиот дел крај градилиштето постојано голтаат прав, а така е и со сите оние што чекаат автобус на автобуските постојки. Тие нема каде да избегаат кога чекаат автобус, па секојдневно коментираат дека никој не ги контролира градилиштата колкав хаос оставаат зад себе. Заклучуваат дека иако живеат во градски населби, на улиците се креваат облаци прашина како на селските земјени патишта. Се прашуваат каде се комуналните инспектори, каде се надлежните од општините и кој е оној што треба да реагира. Дали инвеститорите и изведувачите на градбите се должни да го исчистат ѓубрето и да ги отстранат калта и земјата што ги оставаат камионите или тоа треба да го прават општините преку своите комунални служби. Кој е должен да ги измие улиците за наутро да бидат чисти? Тоа велат дека не чини многу и не треба да го побараат граѓаните, туку треба да е редовна обврска на надлежните. Од друга страна, пак, мислат дека ги нема на терен комуналните инспектори, кои треба да ги казнуваат градилиштата што не го почитуваат Законот за јавна чистота. Градските власти, пак, тврдат дека комуналните инспектори изрекуваат казни, но видливо е дека од тоа нема никаков ефект.
– Секое утро чекам автобус на постојката спроти градилиштето во Бутел и бегам од облаците прашина што се креваат по булеварот Босна и Херцеговина. Наместо да стојам на постојката, бегам од прашината во паркот, речиси пред куќните порти на тамошните жители. Кога на семафорите ќе го забележам автобусот, трчам кон постојката. Дури и повозрасни луѓе кога чекаат автобус не можат да си седнат на клупата на постојката, затоа што и таа е полна со прашина, а и ако седнат, ќе се наголтаат прав додека чекаат автобус, па затоа и тие бегаат кон паркот. Најголема прашина се крева кога ќе се нареди колона од возила, а семафорот е отворен и сите возат побрзо. На ова топло време прашината се чувствува во воздухот и спас од неа се гледа само кога ќе дојде автобус, во кој, пак, тешко може да се влезе од турканици – вели жителка од општината Бутел.
Од градот Скопје, пак, тврдат дека инспекциските служби и комуналните редари ги контролираат градилиштата и, во согласност со повеќе ставови од членот 14 од Законот за јавна чистота, забрануваат превоз на песок, земја, цемент или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите со капак, како и вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала.
– Изминатиов период нашите комунални инспектори и редари редовно ги контролираат сите градилишта за тоа дали се придржуваат до прописите, а пред неколку недели беа спроведени и контроли на градилиштето на улицата Јордан Мијалков. Во периодот од јануари до мај 2019 година се изречени вкупно 649 мандатни казни, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година, кога биле изречени 149 мандатни казни (сите овие мандатни казни се за прекршувања за одредбите од Законот за јавна чистота, не се издвоени само за контрола за градилиштата). Дополнително, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ спроведуваат акции за миење на улиците и булеварите, а токму минатиот месец, по барање на граѓаните, се спроведе голема акција за генерално чистење на Јужен булевар. Во акцијата беа вклучени 20 работници на терен, беа извршени рачно и машинско метење и миење на булеварот, а од механизацијата беа употребени две автоцистерни и специјалните комунални возила патарки и метларки – велат од градот Скопје.
Граѓаните, пак, сметаат дека акциите за миење на улиците што се валкаат од градилиштата не треба да се реализираат само по нивно барање туку по иницијатива и реакција на надлежните, кои треба редовно да ги контролираат состојбите на терен и да се грижат за животната околина. Зашто, врти-сучи, Скопје генерално гледано е нечист град.