За некого графитите претставуваат уметност и начин за креативно изразување, а за други, пак, недолично однесување и вандалски чин врз фасадите на објектите. За „креативното“ изразување на фасадите на станбените згради, немаат разбирање многумина од станарите, кои едвај собрале пари за да ја освежат со нова боја фасадата или, пак, тоа по многу години го направила општината. Графитите на објектите често се причина за меѓусоседски кавги, чии деца ги ишарале внатрешните ѕидови или фасадата од влезовите на станбената зграда. Оваа урбана појава се забележува и на ѕидови од јавни институции или организации, на кои најчесто се испишуваат политички пораки или графити.
Маалските шарачи по ѕидови, освен политички графити, најчесто шараат љубовни пораки или мудри мисли и шеги за своите другари, соученици, соседи. Графитите со навредлива и недолична содржина најмногу ги иритираат скопјани, а некои од нив, освен кај соседите се жалат и во општините. Нема град во светот што не е исцртан со графити. Според тоа, ако ги има и не можат да се избришат сите, се поставува прашањето дали на вљубениците во пишувањето графити треба да им се даде извесна слобода, но истовремено и рамка, простор на кој ќе творат. Ги прашавме и општините што мислат за графитите, дали според нив тие претставуваат начин за креативно изразување или, пак, вандалски чин. Општината Карпош изминатиов период спроведе акција за отстранување графити со навредлива содржина, испишани по фасадите на зградите во населбите Карпош 1, 2, 3 и 4, Тафталиџе 1 и 2, како и во околината на урбаната заедница Владо Тасевски. Акцијата имаше цел да се отстранат невкусните пораки исцртани низ општината и да се зачува културниот и урбан лик на Карпош. Општината Карпош упати и апел до сите граѓани да не ја користат креативноста за испишување графити со недолична содржина, која може да поттикне верска или меѓуетничка нетрпеливост и која може да ја наруши урбаната култура.
– Многу лесно може да се направи разлика меѓу графити што се со урбана и културна содржина и графити со недолична содржина. Општината Карпош во голема мера ги поддржува „креативците“ на урбани графити, па затоа локалната самоуправа им овозможи ѕид каде што може да се искаже урбаниот лик преку вакви дела, на пример на плоштадот во населбата Жданец. Секако дека постојат и графити со недолична содржина, а за таквите општината неодамна спроведе акција за бришење, тоа беа графити што го уништуваа урбаниот и културен лик на Карпош – велат од општината Карпош.
Има многу видови и стилови графити и, според некои, тоа е форма на уметност што брзо се развива, но чија вредност често се оспорува. Поимот графити се однесува на натписи, слики, цртежи пронајдени на ѕидовите, како на пример на древните гробници во катакомбите во Рим. Употребата на зборот се проширила и опфаќа какви било графики применети на површини на начин што претставува вандализам. Во современите времиња во повеќето земји, означувањето или сликањето на имот без дозвола на сопственикот се смета за вандалско однесување и е казниво дело. Појавата на графитите може да се гледа низ повеќе аспекти. Едниот е дека тие претставуваат олицетворение на општествената реалност на едно општество. Може да претставуваат симбол или порака против нефункционирањето на општествениот систем. Некогаш на шеговит, во други случаи на објективен начин ги опишуваат општествените теми и проблеми, а некогаш дури тие го претставуваат гласот на луѓето за работите што не можат да се кажат јавно. Друг аспект е дека тие претставуваат вандалски чин и дека промовираат други девијантни дејства.
Трет аспект низ кој можат да се гледаат графитите е дека тие претставуваат прикажување на креативниот потенцијал и способности. Во развиените земји им се дава можност на младите артисти да декорираат одредени места и да ја проткајат својата идеја за урбаната средина.