Градските советници разгледуваа поголем број предлог-одлуки за работата на градот, меѓу кои и за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу градот Скопје и општината Сарај. Стана збор за финансиско учество во целосната реконструкција на локалниот пат во селото Копаница. Со него треба да се создадат услови за решавање еден од важните инфраструктурни проблеми на жителите во овој дел од Скопје. Со оваа одлука е предвидено градот Скопје да учествува со 20 милиони денари, средства што ќе се обезбедат од буџетите на градот Скопје за 2019 и за 2020 година, а општината Сарај да учествува со 15 милиони денари.
Советот расправаше и по предлог-програмата на активностите од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на градот Скопје за 2019 година. Со неа се утврдуваат мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина и природата, преку конкретни активности за воздухот, водата и почвата и области на животната средина, како отпадот, бучавата, нејонизирачкото зрачење, природата, биодиверзитетот, климата, но и сите елементи што претставуваат неделива целина од животната средина. Програмата, всушност ги дефинира конкретните проекти, потребата од нивна реализација и целите што ќе се постигнат, како и износот на потребните финансиски средства. Советниците расправаа и за предлог-одлуката за давање субвенции на ЈП „Улици и патишта“, со која се одобрува субвенционирање на претпријатието за набавка на „топ возило“, специјализирано возило со дигалка и кошница, во износ на 5 милиони денари. Вработените од ова претпријатие би го користеле возилото за поправка и монтирање семафори на градските улици.
Советот решаваше и за предлог-одлуките за субвенционирање повеќе јавни градски претпријатија за предлог-програмите за изработување урбанистички планови на градот Скопје за 2019 година, за поддршка на локалниот економски развој на градот, како и за измените и дополнувањата на поголем број програми за работа на градот идната година.