За да добијат лиценца, ГЕС ќе мора најпрвин да достават документ за право на користење на топловодната мрежа до Регулаторната комисија за енергетика, да исполнат низа критериуми, а потоа и да покажат кадровска екипираност и да гарантираат сигурност во снабдувањето на граѓаните
Грејната сезона наближува, а сѐ уште е нејасно дали новоформираното претпријатие на градот за снабдување со топлинска енергија ќе профункционира. И не само тоа, не се знае точно по која цена ќе се снабдуваат граѓаните со топлинска енергија, како и тоа како да станат корисници на градското парно. Како што беше најавено, новото претпријатие „Градски енергетски системи“ АД Скопје, формирано од градот Скопје, од оваа грејна сезона ќе започне со работа.
Градот веќе ја доби од Владата на располагање дистрибутивната топловодна мрежа. Тоа би значело дека новото претпријатие ги доби основните средства преку кои корисниците ќе ги снабдува со топлинска енергија, а најверојатно кога ќе започне гасификацијата на градот, ќе ги снабдува со гас. Но многу скопјани во врска со новото претпријатие имаат низа неодгатнати прашања. Едно од нив е како би можеле да станат корисници на новото градско претпријатие ако сега се корисници на услугите на „Балкан енерџи груп“, „Скопје Север“ или „Енергетика“, потоа дали набргу ќе се знае која е цената што ќе ја одреди градското претпријатие, ќе биде ли поевтино и многу други прашања. Тие логично се наметнуваат ако се знае дека веќе на средината на септември почнуваат ладните проби на системот во становите, а веќе од 15 октомври почнува грејната сезона. Тогаш се поставува и прашањето од каде „Градски енергетски системи“ ќе се снабдува со топлинска енергија, од кого ќе ја купува, дали од истите сегашни снабдувачи со топлинска енергија, како и прашањето дали претпријатието веќе доби лиценца за работа. Од градот не ни одговорија на сите поставени прашања. Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, потврдија дека од „Градски енергетски системи“ до средата немале поднесено барање за добивање лиценца.
– „Градски енергетски системи“ најпрвин мора да покажат документ дека имаат право на користење на топлификациската мрежа, а потоа треба да ги исполнат критериумите предвидени со закон. Мора да ни достават кадровска екипираност, потоа да ни гарантираат сигурност во снабдувањето, што за нас е особено важно. Инаку, БЕГ има лиценца на 35 години и досега, врз основа на договорот со Јавното станбено претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, ја имаше на користење топлификациската мрежа и веќе успешно функционира 6,5 години. Ако сега му ги предаде основните средства за работа на „Градски енергетски системи“ и ако се покаже дека повеќе не може да ги користи, тогаш ќе преземе Град Скопје. На прашањето дали ГЕС ќе има пониски цени, одговорот е да, доколку намалува трошоци. А граѓаните, пак, што евентуално ќе сакаат да станат корисници на ГЕС ќе можат да го направат тоа без финансиски последици – објаснува Марко Беслимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Според регулаторите, „Градски енергетски системи“ АД Скопје ќе ги снабдува скопјани со топлинска енергија откако системот ќе биде преземен од БЕГ. А дали ќе купува топлинска енергија од сегашните топлани на „Те-То“, „Скопје Север“ или „Топлана запад“, од градот не ни одговорија.
– Со одлука на Владата на Република Северна Македонија, на градот Скопје на трајно користење му е дадена дистрибутивната топловодна мрежа на територијата на општините Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Чаир, Бутел, како и дел од Автокоманда. Градот очекува по реализацијата на административните постапки на примопредавањето, да се потпишат договори и заведување на корисничкото право во јавната книга на недвижности (Катастар), акционерското друштво „Градски енергетски системи“ да поднесе барање за лиценца до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Градот Скопје и ГЕС работат на што е можно побрзо завршување на сите административни постапки за добивање лиценца и почнување на вршењето дистрибуција на топлинска енергија – велат од градот Скопје.
ЈП „Градски енергетски системи“ е формирано со основачки влог од 250.000 евра. Од градот имаше најава дека ќе почне да функционира и минатата грејна сезона, но тогаш не се случи тоа. Сега, со преземањето на топловодната мрежа, од градот сметаат дека започнува да се имплементира процесот на гасификација на градот. Но дали новото претпријатие ќе стигне да стартува со грејната сезона годинава, останува да видиме.