Новогодишното украсување годинава е во заден план / Фото: Игор Бансколиев

Направивме една поширока анкета во врска со ова прашање и од одговорите на стотина граѓани констатиравме дека тие се со поделени мислења. Некои сметаат дека е потребно новогодишно украсување за да се разбие монотонијата што ја донесе вирусот и за да се разведрат мрачните лица на жителите, бидејќи речиси сите се замислени и тажни поради ситуацијата. Други, пак, велат дека сега не е потребен тој луксуз…

КОВИД-19 ГО СПРЕЧУВА ДЕКОРИРАЊЕТО НА ОПШТИНИТЕ ЗА НОВОГОДИШНИОТ АМБИЕНТ

Новогодишното украсување и целокупната новогодишна магија воопшто, годинава западнаа во сенка на коронавирусот. На самиот праг од последниот месец од годината, кога секоја година сите жители на градот со нетрпение очекуваат да видат како ќе бидат украсени плоштадите и сообраќајниците, еуфоријата и радоста ги нема. Воопшто не се ни споменува Нова година, што е и разумно доколку се земе предвид актуелната состојба со ковид-19.
Секојдневниот црн биланс на починати и заболени од вирусот ги засени исчекувањата од престојните прослави, што е и сосема нормално и очекувано.
Направивме една поширока анкета во врска со ова прашање и од одговорите на стотина граѓани констатиравме дека тие се со поделени мислења.
Некои сметаат дека е потребно новогодишно украсување за да се разбие монотонијата што ја донесе вирусот и за да се разведрат мрачните лица на жителите, бидејќи речиси сите се замислени и тажни поради ситуацијата. Други, пак, велат дека сега не е потребен тој луксуз.
– Да, треба да има новогодишно украсување. Првенствено тоа е за нас, за ние да се разведриме, да се развеселиме, децата да ни се насмеат, развеселат. Уште и тоа ако го нема, тогаш каде се радоста и магијата на празниците? Сите почитуваме мерки, внимаваме, многумина од нашите сожители се разболеа, многумина од нив, за жал, починаа, но потребно ни е нешто што ќе ни го крене духот. Постојано сме бомбардирани од лоши и негативни вести. Ништо убаво не можеме ниту на телевизија да погледнеме, ниту да прочитаме. Малку нека ни се внесе светлина во ова црнило – вели Благица Богоевска, жителка на Скопје.

За Љупчо Столески, пак, апсурдно е да се украсува градот во оваа ситуација.
– Како што и самите можеме да видиме, полека но сигурно се движиме кон воведување полициски час. Зошто да се фрлаат пари на нешто што никој нема да има можност да го види? Да, и јас сакам да е украсено, но која е поентата, кога деца не смеат да играат едни со други, пријатели не смеат да се изгушкаат и да си честитаат празници. Украсувањето дополнително ќе ја зголеми веројатноста за ширење на вирусот, бидејќи луѓето ќе сакаат да дојдат и со свои очи да уживаат во украсите и елката. Годинава тоа навистина не ни е потребно. Тоа е луксуз и средствата за него треба да се преиначат за други потреби – вели Столески.
Сепак, градот ќе добие новогодишно украсување, иако некои од општините донесоа одлука украсувањето да го остават за некои подобри времиња.
Општинските власти од Центар велат дека украсувањето оваа година ќе го остават на кафулињата, рестораните и приватните објекти.
– Општина Центар со последниот ребаланс на општинскиот буџет донесе одлука средствата наменети за новогодишно украсување да ги пренамени за набавка на компјутерска опрема и преносни компјутери за основните училишта што се наоѓаат на нејзина територија. Оваа одлука е донесена со намера на училиштата и на учениците да им се обезбеди полесно и поквалитетно следење на онлајн наставата во услови на пандемија. Оттука, Општина Центар нема да организира културно-забавна програма за прославување на новогодишната ноќ – информираат оттаму.

Од Центар додаваат дека ги повикуваат сите други да ги украсат своите простори за да може да се почувствува новогодишната магија.
– Сепак, со намера жителите на Центар и преостанатите граѓани да ја почувствуваат новогодишната магија низ центарските улици, Општината ги повикува сите компании, граѓани, угостителски објекти, кафеани и кафе-барови што се наоѓаат на територијата на Општина Центар да ги украсат и декорираат своите објекти и новогодишно да го уредат сопствениот простор. Секој во рамките на своите можности да придонесе да се израдуваме на празниците што следуваат, а самите граѓаните да уживаат во новогодишниот амбиент – велат од Центар.
Од Општината додаваат и дека пред почетокот на новогодишните празници планираат да организираат и хуманитарна акција на која ќе бидат доделени пакети храна и хигиенски средства за семејствата во социјален ризик, со намера поубаво да ги поминат новогодишните празнувања.
– Апелираме сите заедно да размислуваме за проблемите на граѓаните што живеат во социјален ризик и да им помогнеме на нашите сограѓани да се израдуваат на новогодишните празници. Ги повикуваме сите општествено одговорни компании и поединци да донираат и да ги покажат својата одговорност и хуманост – велат општинските власти.

Од Општина Аеродром кратко ни одговорија дека Општината ќе добие новогодишно украсување.
– Општината со ребалансот на буџетот за 2020 година предвиде средства за новогодишно украсување на Општината, како и средства за справување со ковид-19 и помош за социјално ранливите категории – информираат од Аеродром.
Новогодишно украсување нема да добие ниту Општина Кисела Вода.
– Општина Кисела Вода исто како и минатата година, така и оваа година нема да троши средства за новогодишно украсување на својата територија.

[email protected]