Градот уште еднаш информира дека го објави јавниот повик за субвенционирање домаќинства и други субјекти на подрачјето на Скопје за чистење оџаци за 2018 година.
Тоа значи дека ќе им надомести дел од трошоците во износ од 1.000 денари, а на јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на градот Скопје. Јавниот повик трае 60 календарски дена од денот на објавувањето, заклучно со 22 ноември годинава и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“.
Оние што ќе решат да се јават на повикот треба да достават барање за надоместок, кое може да го подигнат во архивата на градот Скопје или да го обезбедат од интернет-страницата на градот: www.skopje.gov.mk. Исто така, мора да достават доказ за жителство во Скопје, како и фотокопија од лична карта или од пасош. На оние што ќе им биде потребен и доказ дека се правен субјект ќе мора да приложат тековна состојба не постара од 6 месеци, како и потврда за реализирано чистење оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот. Исто така ќе треба да приложат и фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци, шифра 81.22 во согласност со Националната класификација на дејности. Она што треба да го знаат е дека фискалната сметка треба да биде издадена во периодот од почетокот на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот. И на крајот ќе им биде потребна и фотокопија од трансакциска сметка или жиро-сметка за правните субјекти.
Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да се достави во затворен плик до градот Скопје на адресата булевар Илинден бр. 82 или во архивата на градот Скопје, секој работен ден од 8.30 до 15 часот.