Градот Скопје не ги сакаше фонтаните од проектот „Скопје 2014“ и бараше начин како да се ослободи од обврската да се грижи за нив. Станува збор за новоизградените фонтани „Воин на коњ“, потоа фонтаните: „Карпошово востание“, фонтаната „Пресвета Богородица“, фонтаната на мостот „Око“, фонтаната „Џампинт џет“ на плоштадот „Македонија“, како и фонтаната на спомен-обележјето на паднатите херои и фонтаната ВМРО. Градските советници, со одлука летово, грижата за фонтаните му ја доделија на јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Но и водоводното претпријатието не ја сака обврската да се грижи за фонтаните, па тие останаа во немилост и на градските власти и на водоводното претпријатие. Оттаму се побара за нив да се грижи некој трет, па токму затоа и беше распишан оглас од страна на градот за да се ангажира фирма, на која ќе ѝ биде доделена грижата за фонтаните. Избрана е компанијата „Комтек“, за сума од 6 милиони денари со ДДВ, но само за четири месеци.
Од „Водовод и канализација“ исто така ни потврдија дека градот распишал оглас и тој ќе ангажира фирма за одржување на фонтаните, бидејќи тие не се во надлежност на „Водовод и канализација“. Ним, велат, им се доволни и оние за кои поради постојан вандализам не можат да постигнат да ги држат постојано во исправна состојба. Ги прашавме во градот што се случува со новоизградените фонтани, како се одржувале порано, кој ги одржуваше и зошто градот сега бара да ангажира фирма за нивно одржување и кој ќе ги одржува во иднина.
– Во минатото градот Скопје распишуваше јавен повик по кој фирми ги одржуваа фонтаните во централното градско подрачје, за што градот одвојуваше од 25 до 30 милиони денари годишно. За порационално работење и одржување, Советот на градот Скопје во јули годинава донесе одлука одржувањето на фонтаните целосно да го преземе ЈП „Водовод и канализација“, каде што градот Скопје се обврзува да ги намирува сметките за потрошената електрична енергија на фонтаните, но нема да одвојува дополнителни средства за нивно одржување. Овој повик е распишан за да му се помогне на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во овој транзициски период да се адаптира на одржувањето на фонтаните, со што во иднина би можеле да ги одржуваат и во сезоната и при конзервирањето, како и надвор од експлоатацискиот период – објаснија од градот.
Оттаму информираат дека во септември годинава на јавен повик била избрана компанијата „Комтек“ да се грижи за фонтаните, за сума од 6 милиони денари со ДДВ и во времетраење од 4 месеци. Предметот на договорот го опфаќа одржувањето на фонтаната „Воин на коњ“, фонтаните „Карпошово востание“, „Пресвета Богородица“, фонтаната на мостот „Око“, фонтаната „Џампинт џет“ на плоштадот „Македонија“, фонтаната на спомен-обележјето на паднатите херои, фонтаната ВМРО.