Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје, е назначен за прв потпретседател на НАЛАС, мрежата на асоцијации на локални самоуправи од Југоисточна Европа, за оваа 2018 година. Тој како претседател на ЗЕЛС, деновиве, учествува на 13-то генерално собрание на НАЛАС, кое се одржува во Брдо, Словенија, а присутни се 150 претставници на локалните самоуправи. На генералното собрание се дискутирало за работата на НАЛАС во 2017 година, како и за работниот план за 2018 година. Исто така, избрано е и новото раководство, кое постојано ротира.
На генералното собрание на НАЛАС ќе се разгледуваат и актуелни политички теми за улогата и застапништвото на оваа асоцијација во контекст на стратегијата за проширување на ЕУ. Исто така, ќе се дискутира за улогата на локалните самоуправи во справувањето со бегалската криза и со бегалците во регионот, а ќе бидат направени и измени во статутот со кои ќе бидат нагласени активностите на НАЛАС за постигнување родова еднаквост.
Во рамките на ова собрание е одржана и регионална конференција, на која во фокусот се утврдените цели за одржливиот развој и за социјалната инклузија низ призмата на Агендата 2030, која е усвоена на 25 септември 2015, на специјалниот самит на ОН.
НАЛАС ја сочинуваат 14 асоцијации, што претставува околу 9.000 локални самоуправи, директно избрани од над 80 милиони граѓани во Југоисточна Европа. Асоцијацијата го промовира процесот на децентрализација, придонесува во процесот за помирување и стабилизација во регионот и во тој контекст придонесува за процесот за европска интеграција на целиот регион.