Градежните работи на новиот објект во рамките на детската градинка „Буба Мара“ во населбата Ново Лисиче се очекува да бидат целосно завршени до крајот на оваа година. Новата градинка ќе има капацитет за згрижување повеќе од 250 деца. Објектот, кој ќе биде енергетски ефикасен, ќе има приземје и еден кат со вкупна површина од околу 1.200 квадратни метри. Во рамките на приземјето се предвидени четири занимални за деца од двегодишна до четиригодишна возраст.
– На катот се предвидени две занимални, односно јасли за деца до две години, како и две занимални што можат да ја менуваат својата функција за возраста на децата зависно од потребата. Објектот на двата ката ќе има сопствени санитарни јазли и кујни, како и канцеларии и гардероби – соопштуваат од општината Аеродром.
Оттаму велат дека активно работат на зголемување на капацитетите во детските градинки за да се овозможи непречено згрижување на сите дечиња. Општината веќе има три готови проекти што се однесуваат на доградба на „Црвенкапа“ и доградба и надградба на „Изворче“ во Стар Аеродром, кои се објекти во рамките на детската градинка „Срничка“, како и реконструкција на објектот „Пчелка 1“ во населбата Лисиче, во рамките на градинката „Буба Мара“. Информираат дека во тек се изработки на проекти за доградба на „Сонце“ во реонскиот центар Аеродром, како и проект за изградба на нова детска градинка во дворот на основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин.