Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постојаното градење во урбаната средина им пречи на липите и на костените засадени покрај улиците. Урбаните дендролози тврдат дека со подигањето нови градби се попречува струењето на воздухот, кое би можело да ги оттргне штетните честици од стомите на листовите. На овој начин се прави застој на воздухот, а исто така се зголемува и загадувањето, што е причина да ги губиме овие автохтони дрвја

Свенати или дрвја на кои им паѓаат лисјата забележале граѓаните. Ова не е карактеристично за летниот период кога би требало крошните на дрвјата да се бујни и разгранети, а особено кога станува збор за липи и костени. Тоа го забележа и екипата на „Нова Македонија“. Дрворедите од див костен и липи, кои се наоѓаат покрај булеварот Димитрие Чуповски, навистина се свенати. Универзитетскиот професор за урбана дендрологија, Бојан Симовски, од Шумарскиот факултет во Скопје, вели дека има повеќе причини за оваа појава на венеење на дивиот костен и на липите во урбаната средина.

Симовски тврди дека ова се случува поради постојаното и често непланско градење. Со набивањето на објектите еден до друг се попречува струењето на воздухот, кој би можел да ги оттргне штетните честици од стомите на листовите. На овој начин се прави застој на воздухот, а исто така се зголемува и загадувањето. Токму поради ова, смета тој, полека ги губиме автохтоните дрвја.

Акцијата на градот Скопје за ослободување на дрвјата од бетонските прегради е во соработка со Шумарскиот факултет. Нејзината главна цел е мапирање и ослободување на заробените стебла и корења на дрвјата од градежниот материјал, кој претходно бил нестручно поставен. Професорот Симовски смета дека оваа акција е од големо значење и дека им помага на дрвјата во една урбана средина.

– Од она што успеав да го забележам на терен, има стебла притиснати од цврсти материјали точно во зоната на кореновиот врат. Овој анатомски дел на дрвенестите растенија ја создава врската помеѓу кореновиот систем и надземните органи (стеблото и крошната) и е од исклучително значење за правилниот раст и развој. Светлината (топлината) што се рефлектира од поплочени или асфалтирани површини во непосредната близина на кореновиот врат е поголема од онаа што (не) ја одбиваат почвениот слој или тревната површина. Тоа влијае негативно, може да предизвика вегетативен шок, односно зголемување на физиолошкиот стрес на растението што, пак, конечно може лошо да се одрази врз општата состојба на организмот (слично на имунолошкиот систем кај луѓето). Сепак, најголема придобивка за постојните дрвја е отстранување на опасноста од механички повреди што настануваат со зголемување на димензиите при нивниот раст и триењето со цврстите материјали, особено во зоната на кореновиот врат.

Со тоа ќе се намали можноста од напади на инсекти и болести што би влијаеле неповолно за правилниот раст и развој на урбаната дендрофлора, а за нас треба да значи зачувување на декоративните и еколошките придобивки од неа (врзување на јаглероден двооксид и ослободување кислород) – објаснува професорот Симовски. Но тоа не е доволно, а кога станува збор за дивиот костен и за липите, тој вели дека има други причини за венеење на овие дрвја.


Три вида липи имаат летен листокап

Подолг временски период сѐ повидливи се засушувањето или подгорувањето на лисјата кај некои од автохтоните дрвја во градот. Кај некои видови тоа се случува привремено и во текот на летните горештини, а кај некои постепено и неповратно. Како дел од листопадните дрвја застапени во урбаното озеленување на градот Скопје, три автохтони вида липи покажуваат појава на летен листокап. Ова е невообичаено имајќи предвид дека кај нас се користат украсни растенија што се безлисни во зимскиот период или се зимзелени. Шумарскиот експерт Бојан Симовски вели дека оваа појава е карактеристична особено за топлите и суви медитерански подрачја и е сосема разбирлива од физиолошки аспект, бидејќи на тој начин растенијата се бранат од неповолни надворешни влијанија како што се долготрајните суши и високите температури на воздухот.

– Познавајќи ги морфоеколошките карактеристики на липите што природно се застапени кај нас, може да се посочи дека едни од причините за оваа појава се подолгите сушни периоди лете и моќта на лисната површина да апсорбира честички од издувни гасови. Имено, липите што најчесто се поставени како дрвореди во булеварското зеленило имаат одлична можност да ги ползуваат гасовитите честички од возилата како суровина за создавање енергенти или за други потреби при размена на гасови во различни сложени оксидо-редукциски процеси. Она што за нас е од огромно и суштинско значење е фотосинтетската активност на овие дрвја. Генерално, при просечно поволни дневни услови, се смета дека за еден час еден квадратен метар зелена лисна површина од фотосинтетски активно растение може да врзе количество на јаглероден двооксид што се содржи во три кубни метри воздух. Во сушните летни периоди врз листовите на липата се лепат правливи честички, кои ги покриваат или ги затворат стомите, со што се оневозможува понатамошна размена на гасови помеѓу единката и надворешната средина. Како резултат на тоа, растителниот организам реагира одбранбено и ги подготвува лисјата за отфрлање – вели Симовски.

Тој додава дека и кај автохтониот див костен станува збор за физиолошка реакција. Овој балкански ендемски вид, за разлика од претходните видови, е повеќе зависен од повисока релативна влажност на воздухот. Топлата и сува воздушна маса во летниот период околу крошната на дрвото предизвикува подгорување на врвовите па дури и целосно исушување на лисјата. Не само што не е естетски за една урбана средина туку физиолошки го ослабнува и станува подложно на напади од болести и штетници и може да биде закана за дрвото, а и за другите стебла во опкружувањето.