Град Скопје во соработка со Македонски железници – Транспорт, Македонски железници – Инфраструктура, здружението „Прв до врв“ и граѓанската иницијатива „На точак“ денеска ја промовира идејата за комбинирање на велосипедскиот и железничкиот сообраќај во иднина.
Неколкумина велосипедисти со своите велосипеди се качија во воз на железничката станица во Лисиче и се возеа до железничката станица во Ѓорче Петров, за потоа да продолжат да возат на велосипед по градските улици до улицата „Димитрие Чуповски“ која беше затворена за сообраќај и на која се организираше вело-кафе и дружење на улица.
Промоцијата на идејата за комбинирање на железницата со велосипедскиот сообраќај беше дел од активностите на Град Скопје на последниот ден од одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека по иницијатива на здруженијата „Прв до врв“ и „На точак“ ја презентираат идејата дека низ Скопје може да се движиме на различни начини.
– Во мојата предизборна кампања ја промовирав идејата во иднина да може да формираме градски воз, а денешниот настан е мала демонстрација на таа можност. Од Лисиче до главната железничка станица во центарот на градот возот стигна за четири минути, а потоа ќе продолжи со своето движење до Ѓорче Петров. Значи, како алтернатива би можеле во Лисиче да влеземе во воз, со велосипед и за четири минути да бидеме во центар и да го продолжиме своето движење со велосипед до саканата дестинација, рече градоначалникот Шилегов.
Нагласи дека Град Скопје претендира да биде град со алтернативни можности за транспорт, како што е сега во Берлин, Амстердам и во други европски градови.
– Во постапката за набавка на нови градски автобуси, што е во тек, предвидуваме автобусите да имаат држачи за велосипеди, за да им овозможиме на граѓаните да имаат повеќе алтернативи во своето движење. Сериозно инвестираме во изградба на велосипедски патеки и наскоро ќе ги промовираме седумте нови рути. Се реконструираат и поголем број улици и булевари зашто скопјани заслужуваат да имаат безбеден сообраќај и добар јавен превоз, рече Шилегов.
Тој изрази благодарност до Македонски железници кои овозможија да се изведе оваа демонстрација на алтернативно движење со воз и велосипед. Најави дека во следниот период ќе се обидат да ги ревитализираат постојните осум железнички станици во Скопје за тие да бидат подостапни до граѓаните.
Оваа година тема на Европската недела на мобилност беше „Комбинирај и движи се“, со цел да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација. Град Скопје во изминатите седум дена за граѓаните понуди најразлични активности поврзани со одржливата мобилност и отвори квалитетна дебата за иднината на градскиот превоз. Во одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 се вклучија повеќе од 2.500 градови во Европа и во светот.