Град Скопје реагира дека противпожарната бригада не е место за партиски собири, откако претходно денеска независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, рече дека ѝ било забрането од командирот да влезе во просториите на Територијалната противпожарна единица – Автокоманда, каде што е сместен Синдикатот на пожарникарите на Скопје.
– На партиските кампањи никогаш не им било местото во просториите на Хероите на Градот и тоа не смее да се промени за овие локални избори. Просториите на ПП бригадата во Автокоманда се стратешки безбедносен објект за Градот Скопје и мора да биде функционален и во припремна состојба во секое време. Според тоа, тоа не е место за никакви партиски собири или состаноци со кандидати со некои пожарникари – велат од Град Скопје.
Оттука апелираат пожарникарите да бидат изоставени од партиските препукувања и да бидат оставени на мира да си ги извршуваат секојдневните обврски. Како што додаваат, синдикалните организации имаат право да се среќаваат со кого сакаат, се’ додека за тоа не ги користат просториите на противпожарната бригада на Град Скопје.
Независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска изјави дека не ѝ било дозволено да влезе во просториите на противпожарната служба во Автокоманда, каде претходно била договорена да се сретне со пожарникарите. Како што вели, Синдикатот на пожарникарите прифатил средба во нивните простории.
– На состанокот сакав да презентирам дел од идеите, но од страна на командирот поставен од градоначалникот Петре Шилегов ми беше забранет влез или беше оневозможен пристап за надворешно лице. За мене ова е одраз на покажување на страв и е скандалозно – рече Арсовска на денешната прес-конференција.
Таа објасни дека со првиот синдикалец се видела надвор од просториите каде била информирана и за забраната за влез.
Независниот синдикат на пожарникари: Никогаш не ни се случило некој да ни забрани да примиме гостин
Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија соопшти дека од страна на раководството на Секторот за заштита и спасување во Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, им било забрането да одржат средба со кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, во просториите на Синдикатот, за да ја запознаат со состојбите во пожарникарството. Оттаму велат дека пред повеќе денови добиле уредно барање за средбата од страна на Арсовска.
– Независниот синдикат на пожарникари на Македонија има сопствени простории кои повеќе од една деценија се наоѓаат во објектот на БППЗ во Автокоманда, Скопје. Во тие простории сме пречекувале гости од сите политички партии, претставници на разни религиски и други видови на социјални заедници, но никогаш не ни се случило некој да ни забрани да примиме гостин досега! Тие простории се само физички близу Бригадата, но се во децениско владение на Синдикатот, кој секогаш ги користи согласно неговите законски надлежности и целта на постоењето на еден синдикат. Ваквото однесување ја ускратува слободата на синдикалното движење и од тие причини за овие случувања ќе бидат известени сите домашни и меѓународни институции – велат од Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија.