Во пресрет на зимата и сезоната со зголемено загадување на воздухот, Градот Скопје ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено. Оваа кампања се спроведува трета година по ред.
-Палењето огнови на отворено е законски забрането. Тие најчесто се последица на несовесни граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување. Она што претставува дополнителен проблем е тоа што во ваквите случаи овие луѓе најчесто горат пластика, гуми и неквалитетни дрва кои исклучително штетно влијаат на квалитетот на воздухот. Ние трета година по ред одговорно му пристапуваме на овој проблем. Подаваме рака за сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да го намалиме загадувањето на амбиентниот воздух. Истовремено, водиме грижа и им помагаме на оние на кои помошта им е најпотребна – рече портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Тој додаде дека во текот на оваа календарска година на телефонскиот број 193 до овој момент се пријавени 273 огнови на отворено. Минатата 2018 година пријавени биле 251 оган на отворено, а во 2017 година кога Град Скопје ја почна оваа кампања, за неполн месец биле пријавени 56 огнови на отворено.
-Од тие причини уште еднаш ги повикуваме граѓаните активно да се вклучат во оваа борба и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во повикувачкиот центар, на телефонскиот број 193. Тука сакам да нагласам дека телефонското пријавување преку 193 е најбрзиот и најефикасен начин на пријавување. Тоа е бројот на противпожарната единица која е единствената служба којашто има брз и проверен систем за реакција и ги покренува сите потребни служби со цел мешаните тимови навремено да излезат на терен. Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати, а нашите сограѓани кои ги палат тие огнови заради затоплување ќе бидат упатени и сместени во згрижувачките центри. Затоа, наместо да објавуваат на Фејсбук или на другите социјални мрежи, ги повикувам сите граѓани овие случаи да ги пријавуваат исклучиво на 193. Природата на оваа работа е таква што тимовите можат да работат ефикасно само доколку се реагира брзо на единствениот проверен начин, а тоа е телефонскиот повик на 193. Сè друго е непотребно губење време – нагласи Салиху.