Жители од различни делови на градот јавуваат дека снемале струја неколку минути пред 18 часот. Нема струја во делови од Центар, Карпош, Тафталиџе и од Нерези.
ЕВН утврдило дефект на 110-киловолтна станица од која со струја се напојуваат неколку населби, но најавуваат дека за кусо време ќе биде пуштена струја кај сите кај кои има прекин.
– Веднаш по прекинот наши екипи излегоа на терен и открија дека има чад во 110 киловолтна станица од која со струја се снабдуваат Сарај, Кондово, делови од Влае, делови од Карпош, Тафталиџе во горната зона и делови од Центар. Во моментов се прави итно премостување за напојување на корисниците кај кои има прекин од други места. Струја ќе добијат сите, без разлика што има дефект во трафостаницата – велат од ЕВН за „Макфакс“.
Вклучувањето на струјата нема да биде едновремено кај сите корисници оти се прави од различни точки, на што веќе работи и диспечерскиот центар и екипи на терен. Трафостаницата ќе остане исклучена, се додека не се открие причината за дефектот.
Од ЕВН велат дека посебно во Сарај и Кондово, кои се снабдуваат со струја од оваа трафостаница, многу често има прекумерна потрошувачка на струја, но причините за овој дефект допрва ќе ги утврдуваат.