Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелираат за рационално трошење на водата. Најголема потрошувачка имало во јуни, 310.496 кубни метри за еден ден. Од претпријатието немаат податок колку е Скопје покриено со техничка вода.
Високите температури летово ја зголемија и потрошувачката на вода, а од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Скопје минатата недела апелираа до граѓаните за рационално трошење во летниот период и за време на топлотните бранови. Тие побараа од корисниците во овој период да се однесуваат што е можно поодговорно, односно да избегнуваат полевање и наводнување со вода во текот на денот. Доколку го прават тоа, да го прават во раните утрински часови или доцна попладне или навечер.
А некои од граѓаните и не размислуваат за ова, па често трошат пивка вода за наводнување на парковите пред куќите или станбените згради, потоа за миење на автомобилите или за перење килими. Од јавното претпријатие велат дека oваа година најголема забележана потрошувачка на вода имало во јуни, 310.496 кубни метри за еден ден. Споредбено со податоците од минатите години, бројката е во границите на потрошувачката во летниот период. Изградбата на бунари од кои може да се користи техничка вода за полевање на парковските површини е единственото решение за заштеда на пивката вода. Од претпријатието немаат податок колку е градот покриен со техничка вода. Апелот за рационално трошење на пивката вода кај дел од скопјани наметна прашање дали ако продолжи вака екстремно да се троши пивката вода летово, ќе се активираат и бунарите во Нерези и Лепенец и дали тие имаат доволно количество вода за снабдување на градот.
– Претпријатието има доволно вода за задоволувањето на потребите на градот. Во зависност од природната хидролошка состојба на изворот Рашче, ако има потреба, во употреба се пуштаат и седумте бунари во бунарските подрачја Нерези и Лепенец. Што се однесува до потрошувачката на вода по жител, ако претпоставиме дека Скопје има околу 550.000 жители, може да се пресмета дека на секој жител му отпаѓа околу 560 литри на ден. Во оваа бројка се вклучени индустриските потрошувачи, државните и приватните базени, домашните бавчи и парковите и слично. Забележани се појави на несовесно трошење на водата, на пример за полевање зеленило и земјоделски површини, разладување улици и други ненаменски потреби. ЈП „Водовод и канализација“ препорачува во овие летни периоди водата да се користи рационално за потребите во домот, а да не се злоупотребува за неразумно полевање зеленило, разладување улици, полнење базени и други прекумерни потреби, бидејќи само на тој начин може да осигуриме дека ќе има доволно вода за сите, велат од „Водовод“.
Оттаму немаат податоци за тоа колкава е покриеноста на Скопје со техничка вода, а за одговор на прашањето колку се користат бунарите за полевање на парковите нѐ упатуваат на општините.
– Иако некои општини имаа проекти за изградба на бунари за наводнување зеленило со подземна вода, сепак сѐ уште најголем дел од нив за полевање го користи водоводниот систем. Единствено, во согласност со нашите сознанија за полевање парковско зеленило, постојат бунари во општината Аеродром – објаснија од „Водовод“.
Надлежните, пак, од градот Скопје тврдат дека изградиле поголем број бунари за наводнување на зеленилото, но не кажаа бројка за колку бунари станува збор.
– Во насока на наводнување на јавните зелени површини без да се користи пивка вода, изминативе години гадот Скопје работи на изградба на бунари за полевање на зеленилото со техничка вода. Градот досега има изградено поголем број такви бунари, а од пред неколку години целиот Градски парк, новиот парк во Аеродром кај последната автобуска станица на линијата број 5, како и најголемиот дел од блоковското зеленило на територијата на општината Аеродром се наводнуваат со техничка вода – информираа од градот.
Од општината Аеродром се децидни дека за полевање на парковските површини користат исклучиво техничка вода.
– Низ парковите во општината Аеродром има околу 20 бунари. За наводнување се користи исклучиво бунарска вода. Инаку, засега не се планира изградба на нови бунари – велат од општината Аеродром.
Општината Чаир со најголем број или со најстари парковски површини нема бунари за наводнување на зеленилото и за тоа се троши пивка вода.
– Од претходната градска гарнитура и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ имавме ветување дека ќе се изградат четири бунари за наводнување на парковите. Досега не се направи тоа и сѐ уште тревните површини се наводнуваат со вода за пиење – објасни Куштрим Алла, одговорен за информирање во општината Чаир.