Со помош на средства од ИПА-инвестицискиот фонд на ЕУ, општината Аеродром ја почна реконструкцијата на 10 краци од водоводната мрежа во Долно Лисиче, поточно на улицата 1 од кракот 1 до кракот 10. Според информациите, вкупниот износ на проектот е околу 126 илјади евра и тој ќе биде 25 отсто кофинансиран од страна на државата. Планирано е работните активности да завршат до крајот на септември и сите трошоци над предвидениот буџет за проектот ќе бидат покриени од страна на општината Аеродром.
Причината за реконструкцијата е поради тоа што постојната водоводна мрежа во овој дел од општината била проектирана за 200 домаќинства и изведена според проект во 1977 година, а денес во Долно Лисиче живеат повеќе од 1.200 домаќинства, со 3.500 жители. Процените покажуваат дека постојната мрежа е дотраена и не ги задоволува потребите на населението, па поради тоа често се јавува недостиг од вода, особено во овој летен период.
Од Аеродром велат дека грантот во голема мера ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот во Долно Лисиче и за понатамошен развиток на овој дел од градот е неопходно да се реши проблемот со водоснабдувањето.
Средствата за развој на руралната инфраструктура се обезбедени од страна на Европската Унија по барање на Владата на Република Македонија.
Станува збор за 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура, а вкупниот износ на програмата, заедно со кофинансирањето на Владата изнесува 20.667 милиони евра.