Буџетот на скопската општина Гази Баба се зголеми за нови 65.575.000 денари, средства што ќе се искористат во реализација на нови капитални проекти. Ребалансот е изгласан на последниот совет на оваа скопска локална самоуправа, а намената на средствата ќе биде распоредена во повеќе различни насоки. Градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски, изјави дека при гласањето, различните ставови и политичките спротивности биле ставени на страна и советниците од сите партии заеднички го донеле овој ребаланс.
Тој додаде дека буџетот во оваа општина првпат е зголемен и со ова зголемување ќе се зголемат и проектите за граѓаните и поголем развој на општината. Георгиевски најави дека дел од средствата ќе бидат наменети за зголемување на капацитетите за сместување на деца во градинките, како и за изградба на две нови спортски сали во основните општински училишта „Вера Јоциќ“ во населеното место Хиподром и „Кирил и Методиј“ во Стајковци, како и за спортски центар Црешево-Стајковци.
Дополнително, назначено е дека со ребалансот се поставува приоритети и во патната инфраструктура, односно реконструкција и проширување на регионалниот пат Раштак – Бутел, кој ќе биде долг 5 километри, а на оваа локација ќе се гради и потпорен ѕид. Исто така, ќе се градат и патните делници до викенд-населбите Булачани и од Виниче до Страчинци. – За нови инфраструктурни проекти обезбедивме нови 10.200.000 денари за изградба на нови локални улици, како и нови 5 милиони денари за реконструкција на улиците во општината – додаде градоначалникот на општината Гази Баба.
Во состав на капиталните проекти, со ребалансот е предвиден и приклучок на 1.200 домаќинства на системот за парно греење во населеното место Триангла и Хиподром, а планирани се 19 милиони денари и за изградба на понтажни паркинг гаражи во Автокоманда, за значително да се растовари метежот со паркирањето. Дел од средствата, поточно 20 милиони денари, ќе се издвојат за нов функционален канализациски систем во Трубарево, а се очекува и во наредните две години Јурумлери, Виниче, Смилковци и Црешево да добијат фекална канализација. Исто така со 20 милиони денари се планира да се стави целосно во функција новата населба Хиподром 2, а дополнителни 4,5 милиони денари се наменети за носење нови детални урбанистички планови и документи, кои ќе ги забрзаат легализацијата и изградбата на нови капитални објекти.