Граѓаните се вознемирени не само затоа што мислат дека некој ги снима додека прават сообраќаен прекршок, туку и поради тоа што снимањето со камери често ги нарушува приватноста и интегритетот на личноста, а многупати снимките се користат и за разни други цели, како уцени, омаловажување и слично
Некои скопјани тврдат дека камерите поставени по скопските сообраќајници повторно снимаат, а Министерството за внатрешни работи писмено на домашна адреса веќе ги доставило првите казни до прекршителите на сообраќајните правила. Од МВР, иако ги прашавме, не ни одговорија дали се снимаат оние што не ги почитуваат сообраќајните правила, ниту пак ни одговорија дали веќе почнале да казнуваат според утврденото на снимките. Граѓаните се вознемирени не само затоа што некој ги снима додека преминуваат улица, туку и поради тоа што снимањето со камери често ги нарушува приватноста и интегритетот на личноста, а многупати снимките се користат и за разни други цели, како уцени, омаловажување и слично.
Сигурносните камери се користат и за заштита од кражби, за заштита на имотот, па поради тоа граѓаните поставуваат сигурносни камери во своите дворови, куќи или станови. Фирмите и компаниите исто така користат голем број сигурносни апарати со кои се прави одреден видеомониторинг и надзор над вработените. Се чини како секој и секаде да снима, а се поставува и прашањето до каде се границите за изложување на личната приватност и дали таа може да се заштити.
Во Македонија Законот за заштита на личните податоци го обезбедува правото за заштита на приватноста на луѓето. Освен овој закон и Уставот на Македонија, највисокиот акт во државава, има одредба што вели дека секој човек и граѓанин во земјава има основно право за заштита на личните податоци. Ова го предвидува членот 18, кој исто така ги гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. Што се случува кога, на пример, во дворови или на надворешноста на јавните установи се инсталирани сигурносни камери, кои ги снимаат сите луѓе што поминуваат? Целта на видеокамерите во овој случај е да се овозможи поголема сигурност за објектите и лицата во нив. Но кој ја има законската обврска за користење на ваквите снимки и дали тие го нарушуваат правото на приватност?
– Во Кривичниот законик на Македонија е предвидена казнена одредба за вакви дејства во главата 15 – Кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот и тоа во членот 152 за неовластено снимање, кој гласи: „Тој што неовластено ќе направи фотографски, филмски или видеоснимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година – велат од Министерство за внатрешни работи.
Во општество со дигитална технологија, која има постојан напредок, тешко е да се направи заштита на личните податоци или приватноста. Потенцијалот на информатичко-комуникациската технологија за чување и обработка на личните податоци, го зголемува проблемот на нивната заштита. Развојот на интернетот и на социјалните медиуми овозможуваат пребрзо ширење на информациите, вклучувајќи и на прикачените слики или видеосодржини. Во изминативе години сѐ почесто се случува да се обелоденуваат голем број лични податоци од корисниците на интернет на социјалните мрежи. Заштитата на податоците и приватноста станува глобален проблем.
Видеонадзорот и следењето преку монитори е во постојан пораст и во Македонија. Податоците што се собираат при видеонадзорот најчесто се слики или видеа од лица што можат да биде идентификувани, директно или индиректно. Како што се шири следењето со видеонадзор на луѓето така се намалува слободата на нивното движење и однесување, на нивната приватност, се наведува на страницата на Дирекцијата за заштита на лични податоци.
Според информациите од оваа институција, видеонадзорот е во постојан пораст и тоа во различни подрачја во Македонија. За разлика од порано кога само продавачите на големо или банките користеа видеокамери, сега се поставуваат приватни камери по куќите и имаат многу поголем опсег на снимање. Во вакви случаи мора да постои јасно известување кој е одговорен за камерата. Одговорните лица мора да се придржуваат до одредени правила за тоа кои податоци и во колкав обем може да ги прибираат и да ги чуваат. Како на пример дека снимките, во согласност со законот, може да се чуваат најмногу 30 дена. Секој што смета дека влегол во кругот што е под видеонадзор, има право да бара информација од одговорниот за камерата, за целта за поставување на видеонадзорот, рокот на чување на снимените материјали и слично.
Според Законот за заштита на личните податоци е забрането вршење видеонадзор во гардероби, соблекувални, санитарни јазли, лифтови, тоалети и други слични простории. За вршење видеонадзор во станбените згради е потребно да се добие согласност од сите сопственици во станбената зграда. Исто така при вршење на овој вид надзор е забрането снимање влезови на индивидуални станови и на други сопственици.