Префрлање на проблемот по институции не треба да има Фото: Маја Јаневска-Илиева

За главните загадувачи на воздухот, за мерките, активностите, законските измени и низа други активности што треба да придонесат да имаме почист воздух, а под наслов „Како до почист воздух во градовите“, вчера се дискутираше на конференцијата што се одржа во организација на невладината организација „Зелен институт“ од Скопје, а со поддршка на „Биро де хелинг“ од Холандија. Акцентот на оваа конференција беше ставен на одговорноста на институциите за обезбедување чист воздух, а говорници беа претставничката од Министерството за животна средина Светлана Ѓорѓиева, Наташа Амдиу, претседателката на „Зелен институт“, Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на ДОМ, Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на градот Скопје, и Невенка Геогиева, претставничка од „Иницијативата О2“. По сите излагања и дискусии, претставникот на граѓаните констатира дека проблемот со загадувањето на воздухот се маргинализира долги години и дека не е остварено ништо од она што го ветиле оние што го добиле гласот од народот.

– Срамно е колку средства се издвоија завчера за решавање на проблемот со аерозагадувањето. Нашата влада не дава доволно пари за Министерството за животна средина, кое навистина прави сѐ што може. Неприменувањето на законите, нефункционалниот систем на контроли, малкуте пари и малкуте инспектори го прават целиот систем нефункционален. А она што не функционира, мора да се менува. Префрлањето на проблемот по институции е нешто што често и нам ни се случува, па граѓаните се демотивираат и активистите губат желба да се ангажираат понатаму.

Владините претставници мора да испорачаат резултати за да им дадат пример на граѓаните, одговорност мора да има, а не проблемот да се третира како да е нешто минорно. Замислете, за политичките партии се издвоени 4,5 милиони, а за загадувањето 1,5 милион евра. Проблемот со воздухот не се решава со малку пари и досега не видовме паметни решенија. Свесни сме и ние граѓаните дека Владата треба да покаже решеност, пари има, ама не одат на вистинското место. Тие мора да се борат за нашето здравје и не да им даваат приоритет на популистички закони наместо на закони што се поврзани со загадувањето – рече вчера Невенка Георгиева од „О2“.
Наташа Амдиу, која беше модераторка на конференцијата, акцентира дека заедно со невладината организација „Радар“ и првата детска амбасада „Меѓаши“ објавиле петиција на социјалните мрежи со низа мерки што надлежните треба да ги преземат и за кои ќе чекаат три дена да потпишат. Таа нагласи дека од оваа конференција треба да произлезат и други мерки, кои до понеделник треба да бидат сумирани, систематизирани и доставени до надлежните.

Недостигот од инспекциски контроли го потврди и фактот што вчера го соопшти Мирослав Богдановски, раководителот на Инспекторатот на градот Скопје, кој јавно кажа дека за животна средина во моментов има само четворица инспектори и дека градот ќе вработува инспектори. Со присутните сподели дека е многу тешко да се влегува во куќите и да се утврди на што се греат, бидејќи, како што е познато, греењето во домаќинствата е еден од најголемите загадувачи. Јавно кажа дека имале поплаки за два хостели во Кисела Вода, кои најверојатно загревале на кокс или јаглен.

– Денеска ќе имаме презентација на беспилотно летало на Вардариште, со кое ќе можеме да детектираме загадувачи на воздухот. Со дронови опремени со термокамери ќе се лоцираат загадувачи во ноќните часови и тие ќе се санкционираат. Во фаза сме на набавка на попрецизни инструменти за детектирање на изворите на загадување. Ќе следуваат и одредени законски измени и соработка со граѓаните и со сите невладини организации – рече Богдановски.

На конференцијата беа споменати застрашувачки податоци, како на пример дека се дозволени 35 дена годишно за надминување на концентрациите на штетните честички кај нас. Но минатата година на локацијата кај Ректоратот просечната годишна надмината концентрација од дозволеното била дури во 181 ден. Концентрациите на штетни честички се намалувале само поради метеоролошките состојби, кога имало ветер или дожд, информираа од Министерството за животна средина.
– Сѐ што треба, имплементиравме, само треба да се придржуваме до законската регулатива. Имаме 17 станици за мерење на квалитетот на воздухот и една мобилна, лоцирана во Бутел до март 2019-та, а потоа една година ќе биде во Ѓорче Петров, па една година во Охрид, за да имаме комплетна слика што се случува со воздухот. Целата опрема на станиците за мерење на квалитетот на воздухот е стара, веќе има нови серии, па затоа за нашите нема веќе делови. Нашите станици се користат 14-16 години. Калибрациската станица ни е потребна за проверка на инструментите и досега оние што работат се во добра состојба. Она што го заклучуваме од нашата дваесетгодишна работа е дека концентрацијата на суспендираните честички многу често ги надминува нормалните вредности – рече вчера Светлана Ѓорѓева од Државниот автоматски систем за мониторинг на квалитетот на воздухот.

На конференцијата беше изразен одреден страв дека сите дизел-возила што Европа со хистерични забрани сака да ги тргне од градовите ќе завршат кај нас. За да се намали загадувањето на воздухот како мерка што треба да се преземе беше споменато да не се дозволува влез во градот на тешки товарни возила, потоа што помасовно да се користи јавен превоз, а во тој контекст и предлог-мерка за намалување на цената и воведување т.н. зелена карта, која ќе може да се користи 24 часа.

– Зелените партии се познати по своето дејствување. Она што предлагаме е дека мора да се дејствува на сите детектирани причини за загадувањето на воздухот. Најголеми загадувачи се загревањето во домовите, сообраќајот и индустријата и затоа предлагаме среднорочни и долгорочни, но и мерки што итно треба да се преземат. Мора од јаглен и нафта да преминеме на обновливи извори, зазеленување, почитување на стандардите во урбанизмот, користење железнички транспорт, решавање на проблемот со отпадот и изградба на регионални депонии, како и итните мерки што се веќе познати во јавноста – беше дел од она што го кажа Маја Морачанин, претседателката на ДОМ.


Со амбициозен план до 2019-та ќе се намали загадувањето

Борбата со загадувањето на воздухот на македонската влада ќе ѝ биде стратегиски приоритет во 2019 година и, според планираното, за две години загадувањето на воздухот во Скопје би требало да се намали за 50 отсто. Во другите градови во државата се очекува тоа да биде помеѓу 30 и 50 проценти и да не остане ниту едно домаќинство што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс. Ова го предвидува програмата со двегодишниот План за чист воздух на Владата, која првпат обезбеди и посебен буџетски фонд за првичните активности, во вредност од 98 милиони денари или од 1,5 милион евра, но на располагање се и околу 20 милиони евра од одредени ставки од буџетите на неколку министерства. За остварување на мерките од обемниот план, кој беше презентиран завчера, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули ќе има поддршка и од меѓународни финансиски организации, за што до крајот на годинава ќе се организира донаторска конференција.
Макрадули уште еднаш кажа дека, според анализите, загадувачи број еден и два се затоплувањето и транспортот и затоа ќе се почне со промена на системите за греење во јавните установи, градинките и во училиштата. Мерки ќе има и во сите други сегменти поврзани со заштитата на животната средина – индустрија, урбанизација, градежништво, а ќе се стимулира и изградба на зелени површини, ќе се менаџира и третира отпадот, ќе се спроведува засилена инспекција. Ќе се засили и мониторингот и уште на почетокот на 2019-та ќе се набават комплетно нови инструменти за сите постојни 18 станици за мерење на квалитетот на воздухот.