Сѐ уште не престануваат разговорите околу тоа треба или не треба да им се даваат бесплатни ваучери за такси на пијаните гости од скопските кафеани, се поттикнува ли на тој начин пијанењето, зошто ова го поддржа скопскиот градоначалник… Дебатата всушност доби интензитет особено затоа што на промоцијата на кампањата „Ги возиме одговорните“ се појавија градоначалникот на Скопје и претставници на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата, кои во случајов, тврдат, само ја дале својата поддршка на проектот за да се издигне свеста за поголема безбедност во сообраќајот. Скопјани, пак, велат дека немаше потреба од толкав публицитет на ваков проект, кога во градот има многу поважни проблеми, како што се непрописното паркирање, хигиената…
ОД РСБСП своето учество во проектот го оправдуваат со тоа што имале можност да дистрибуираат рекламен материјал со кој ќе ја издигнат возачката култура, ако некој веќе испил, тогаш да не влегува во својот автомобил и да не седнува на возачкото место.
Во многу земји во светот, велат граѓаните, многу е нормално ако некој испил чашка повеќе, на заминување од ресторан или кафеана сам да си повика такси-превоз и утредента да оди по својот автомобил.
– Сигурно кафеанџиите не се сетиле да го промовираат користењето на јавниот градски превоз, бидејќи очигледно зад тоа стои друга намера, во случајов скриена. Ако веќе некој може да добие бесплатно такси за враќање дома, тогаш ќе си дозволи со поголемо друштво да отиде во ресторан или кафеана и повеќе да изеде и повеќе да испие. Затоа мислам дека кампањата со бесплатните ваучери постигнува спротивен ефект и секако сѐ се врти околу бизнисот на кафеанџиите. Од друга страна, пак, ако веќе некој си дозволил да оди во кафеана, што му е проблем да плати 100 денари повеќе од она што го платил за сѐ што изел или испил – вели скопјанецот Гоце Милевски.
Од РСБСП објаснуваат дека се вклучиле во проектот само за да апелираат никој да не седнува зад воланот кога е под дејство на алкохол, бидејќи последните податоци само им потврдуваат дека сѐ поголем број возачи возат во алкохолизирана состојба.
– Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта ја поддржа оваа кампања преку изработка и дистрибуција на едукативни материјали, со цел издигање на свеста за неуправување моторно возило под дејство на алкохол и едуцирање на учесниците во сообраќајот за штетното влијание на алкохолот на способноста за управување моторно возило. Целокупниот процес за издавање на ваучерите се реализира во соработка со угостителските објекти, и во согласност со тоа РСБСП не е директно вклучен во процесот на издавање на ваучерите и нема конкретен увид во тој дел од активностите. Но, во согласност со првичниот план акцијата трае и се реализира. До кога ќе трае е одлука на угостителските објекти и порталот и зависи од интересот на граѓаните – вели Ристо Манчев, секретар на РСБСП.
Кампањата како идеја на кафеанџиите е претставена како маркетинг преку промоција на општествена одговорност да се покаже грижа за гостите, за што голем дел скопјани не се согласија, туку, напротив, се стимулираат да отпијат повеќе.
– Ако се гледа низ ваквата призма, тоа би значело дека секој попуст што го даваат угостителите значи и поттикнување алкохолизам. Многу е важно како ќе се перцепира целата идеја и каков заклучок сакате да извлечете од неа. Кога е во прашање приватниот сектор, одлуката е негова на кој начин ќе ги реализира своите идеи. Вакви или слични искуства постоеле и порано кај нас и во други земји. Ние како РСБСП се вклучивме само како дополнување на оваа активност преку дистрибуција на едукативни материјали за неуправување моторно возило под дејство на алкохол – дообјаснува Манчев.
И навистина, како што пишуваше и „Нова Македонија“, податоците на МВР кажуваат дека бројот на возачи што управуваат моторно возило под дејство на алкохол е алармантен, а од РСБСП велат дека ја користат секоја можност за информирање и едуцирање на возачите.
И додаваат дека впечатокот е дека кампањата била лошо искомуницирана со јавноста, и тоа влијае на перцепцијата и на ефикасноста на нејзината реализација. Останува фактот дека на возачите им се потребни превенција и едукација, потребни се одговорност, свест и совест, а казните да бидат наменети исклучиво за оние што на друг начин не би можело да бидат наведени на почитување на сообраќајните правила и прописи.