Градоначалникот на oпштина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со секретарката на општината, Маја Ралевска, утринава одржаа онлајн состанок со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на кој тема беа актуелните случувања со паркингот спроти хотелот „Холидеј iн“, но и генералната состојба со плановите по одлуката на Уставниот суд за укинување на суспензијата на Деталните урбанистички планови (ДУП-ови).
Како што се наведува во соопштението за средбата, градоначалникот Богдановиќ пред Комисијата ја нагласил потребата од зголемен степен на соработка со останатите институции, поголема флексибилност и поголема ефикасност во спроведувањето на предметите.
Тој воедно побарал и поддршка од ДКСК, од останатите надлежни институции за постапување, но и од јавноста за Уставниот суд повторно да ја стави на разгледување последната одлука за укинување на мораториумот во Општина Центар.
– Намерата на општинската одлука за суспензија на ДУП-овите (‘мораториум’) беше донесена за да се хуманизира просторот за живеење во централното градско подрачје, да го намали загадувањето на околината и атмосферскиот воздух при носењето на нови ДУП-ови и конечно да воведе ред во урбанистичкото планирање во oпштина Центар – се наведува во соопштението на општинските власти.
По укинувањето на првата одлука од 2017, од страна на Уставниот суд, во декември 2018 Советот на Општина Центар повторно донесе одлука за неспроведување на ДУП-овите, која Уставниот суд уште еднаш ја укина на почетокот на годината, на предлог на двајца жители од Охрид.