ХИВ, ХЕРА и „Заедно посилни“ ќе обезбедат бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, од денеска до 7 јуни, во рамки на Европската недела на тестирање за ХИВ. Станува збор за меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.
Годинава, пролетната недела на ХИВ тестирање кај нас се одбележува под насловот „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“.
Преку кампањата што во следните седум дена ќе се случува на социјалните медиуми, ќе бидат споделени приказни на 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Македонија – лични искуства кои се спротивни на доминантните претстави дека живеењето со ХИВ е нужно поврзано со боледување и страдање.
Бесплатното тестирање ќе биде достапно во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот и во здружението „Заедно посилни“ секоја среда од 16 до 19 часот.
За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950 во ХЕРА и 078/431 866 во „Заедно посилни“.
Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат согласно интерни протоколи за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со ковид-19.
За граѓаните е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Гугл плеј.
Денес, се проценува дека во нашата држава околу 35% од луѓето со ХИВ не го знаат својот ХИВ-позитивен статус, односно не се свесни дека се ХИВ-позитивни. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при кое е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат.