Чекањето по шалтери им троши многу време на студентите Фото: Маја Јаневска-Илиева

Студентите се соочуваат со низа административни процедури за да го докажат правото на бесплатна слободна карта, но и со казни од контролори на ЈСП. Казната за непродолжен билет е 1.000 денари. Но многу поголеми се омаловажувањето и малтретирањето на кои се изложени студентите

Студентите што имаат годишни бесплатни слободни карти, со кои го уживаат правото на бесплатен јавен превоз, должни се да ги стават на увид на контролорите од ЈСП. Со тоа, всушност, тие треба да потврдат дали уредно ги поседуваат. За да добијат право на бесплатен билет, мора да испочитуваат одредена административна процедура, преку поднесување барање до ЈСП со фотографија од студентот до верификување на тоа барање на факултетот на кој студираат од каде што се бара и потврда за заверен семестар, како и потврда за редовен студент. Овие обврски ги чинат време студентите, особено на почетоков на годината, кога на факултетите им следуваат колоквиуми, семинарски работи и февруарската испитна сесија. Ако на веб-страницата на претпријатието се види колку и какви прашања поставуваат студентите до претпријатието ќе се добие впечаток дека процедурата е дури и покомплицирана.

„Сакам да прашам дали може во овој период да се извади студентски билет со последен запишан зимски семестар, бидејќи летниот почнува дури во февруари“, прашува студент, кому од ЈСП му советуваат да се јави во одделението за продажба на телефонскиот број 3171-881, за да добие детално објаснение за условите. Друг студент, пак, прашува дали казна за непоседување билет доколку е студент може да се поништи со потврда за редовен студент или на друг начин, а од претпријатието му одговараат дека казната треба да се плати, независно што има потврда за редовен студент. Со казна се соочува и студентка што се јави во нашата редакција и се пожали на дрско однесување на контролор кон неа само затоа што се пожалила дека продолжувањето на билетот не можела да го направи, бидејќи билетарниците на ЈСП во Карпош и во Влае не работеле на 2 и 3 јануари. Но од ЈСП го тврдат спротивното, дека истите тие билетарници работеле на 2 и 3 јануари работеле вообичаено од 7 до 19.30 часот.

– Се возев во автобус на линијата со бројот „57“ на 5 јануари, во 20 часот, влезе контролор во автобусот и ми ја побара на увид слободната карта. Му ја покажав и му реков дека имам индекс со заверен семестар, потврда од факултет и можам да му ги дадам на увид, но слободната не ми е продолжена затоа што двапати бев на нивните билетарници на 2 и 3 јануари во Карпош и Влае, но тие не работеа. Тој не сакаше да чуе, ми побара лична карта, веднаш ми пиша казна од 1.000 денари и побара да ја потпишам. Ме држеше за рамо небаре ќе избегам. Отидов по него да му ги покажам потврдата и заверениот семестар, а тој почна да ме влече по скали и тогаш го извадив телефонот да повикам полиција. Кога ме слушна, само ми ги тутна документите и личната карта и избега, го напушти автобусот на Бит-пазар. По случката отидов да ја продолжам слободната, а на билетарницата имаше огромни редови од студенти, пензионери и други корисници на јавен превоз, дури и фотографирав за да се види дека метежот е токму поради тоа што билетарниците не работеле – се пожали студентката Тамара.

Оваа млада девојка случката ја пријавила и во ЈСП, од каде што само добила уплатница на сума од 1.000 денари, за да ја плати казната.

Веројатно ваквото однесување на контролорот со кој Тамара имала средба не е својствено за сите контролори на ЈСП, бидејќи и тие, како и сите вработени, се должни да го почитуваат кодексот на однесување. Многумина од нив се пристојни и ги поздравуваат патниците, па ги замолуваат да ги покажат на увид своите билети.

– ЈСП не толерира кршење на кодексот на вработените од страна на кој било вработен (возач, контролор, билетарка, административен работник и слично) и е отворено за жалби/пријави/поплаки од секаков вид. Истите тие може секојдневно да се доставуваат на веб-страницата на ЈСП Скопје www.jsp.com.mk или во инбокс на www.facebook.com/jspskopjee, со точно наведени податоци за настанот (ден, време, линија, гаражен број на возило и слично), за да може внатрешната контрола или друга соодветна служба го испита случајот и против вработениот, доколку се утврди вина, преземе соодветна дисциплинска мерка. За пријава, поплака на контролорите е достапен и бројот на нивниот раководител, а може да се добие во директен контакт со ЈСП Скопје – појаснуваат од претпријатието.

Оттаму велат дека, според статистиката од 2019 година, има вкупно 70 пријави за контролори од страна на патници. По испитување на причините и деталите за пријавите, во одредени ситуации и соочување на двете страни (патник-контролор), утврдено е дека 40 пријави се неосновани. Во преостанатите 30 ситуации е утврдена вина кај контролорите и против секој од нив се поднесени соодветни дисциплински постапки.


Кои студенти имаат право на бесплатен превоз

Право на годишен бесплатен превоз имаат редовните студенти и оние на додипломски студии запишани на државните факултети во Скопје. Статусот на студентите што се запишани на редовни студии се докажува со потврда за редовен студент на државен факултет на територија на градот Скопје, издадена од акредитирана високообразовна установа, потоа важечки индекс и лична карта на увид, како и фотографирање во самото продажно место.
– Секоја учебна година, студентот има обврска да ја продолжи важноста на билетот, правото на користење на билетот го докажува, и тоа на студентите што првпат запишуваат прва година во септември (бруцоши), при издавање на билетот им се продолжува важноста и за наредната година. Преостанатите студенти, кои на крајот на тековната или на почетокот на годината сакаат да го продолжат билетот, а сѐ уште немаат заверено летен семестар, може да го продолжат само ако имаат заверено зимски семестар и во индексот имаат запишано повеќе од два неположени испити. Натаму студентите што во моментот на продолжување на важноста на билетот во индексот имаат до два неположени испити, билетот може да го продолжат само со заверен летен семестар.
Студентите што користат бесплатен годишен билет имаат право и на бесплатен превоз на жичницата „Милениумски крст“ во четврток, со покажување на бесплатниот годишен билет за студенти. Од ЈСП се децидни дека билетот е непренослив на друго лице и единствен валиден документ за користење на јавниот превоз е електронска картичка „скопска“! Линиската контрола има право и обврска да му изрече казна на секој студент што не поседува персонализирана картичка „скопска“ или невалидна „скопска“ и во случај лицето да ги исполнува условите за користење годишен студентски билет.