За само шест месеци се изречени 361 мерка против возачи почетници и 2.598 мерки против возачи што управувале моторно возило без возачка дозвола
Во секојдневното движење по скопските улици може да се забележи постојано непочитување на сообраќајните правила од страна на возачите. Сообраќајните експерти велат дека причина број еден за предизвикување сообраќајни несреќи претставува возењето со неприспособена брзина. Тоа и најчесто може да се забележи во градот, автомобилите што се движат со брзини поголеми од пропишаните. Но постојат и други ризични однесувања како возењето во алкохолизирана состојба, седнувањето зад воланот без возачка дозвола, возење без положен испит и без никакво искуство. Наброените фактори имаат големо влијание во зголемувањето на сообраќајните незгоди.
Има голем број примери, имено на 30 јули годинава, при преземените активности од страна на Секторот за внатрешни работи – Скопје, од сообраќај се исклучени 21 возач. Шестмина затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 13 без право за управување моторно возило и двајца затоа што биле возачи почетници без никаков документ.
СВР-Скопје постојано врши рутински сообраќајни контроли. Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека при тие контроли затекнуваат возачи што возат без возачка дозвола. До јуни годинава се затекнати 361 млад возач по 23 часот.
– Во период од 1.1.2019 година до 23.6.2019 година од страна на Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР-Скопје се преземени вкупно 361 мерка против возачи почетници – велат од МВР.
Според изложените информации на страницата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, возачите почетници како категорија возачи претставуваат ризичен фактор за безбедноста во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека искуството на возачот влијае врз брзината на реакцијата во дејствувањето во сообраќајот. Исто така и намалената видливост во вечерните часови и недоволното искуство на возачот може да влијаат при несоодветно реагирање во дадена ситуација. Затоа постојат законските забрани со кои не им се дозволува да возат во доцните часови.
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата пропишува посебни правила за младите возачи во сообраќајот.
– Возачот почетник што поседува возачка дозвола не смее да управува со брзина поголема од 60 километри на час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри на час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила и 100 километри на час на автопат. Не смее да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца во рок од две години по издавањето на возачката дозвола. Возач почетник не смее да управува со моторно возило во период од 23 до 5 часот, освен ако со него на предното седиште се наоѓа лице, возач од соодветна категорија и постаро од 25 години, на кое не му е изречена прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило. Возач почетник што поседува возачка дозвола од Б-категорија не смее да управува возило, чија сила на моторот е поголема од 77 киловати – велат од МВР.
Доколку не се почитуваат овие одредби од законот се предвидува казна во износ од 200 евра или регистрирање 40 негативни бода.
Според податоците од МВР, во текот на 2019 година се изречени вкупно 2.598 мерки против возачи што управувале моторно возило без возачка дозвола. Возењето технички неисправно возило претставува опасност за безбедноста во сообраќајот, но и возењето на возилото од неискусен возач претставува сообраќајна опасност. При полициските проверки што се вршени, особено на територијата на Скопје, многумина возачи се затекнати без возачка дозвола, а такви се најмногу млади и неискусни лица. Сообраќајните експертите велат дека таквата појава дополнително ја зголемува опасноста од предизвикување сообраќајни несреќи. Истовремено алкохолот дополнително го намалува времето за реакција, а кај возачите почетници поради недоволното искуство ова време уште повеќе се намалува.
Според МВР, еден од најчестите фактори за случување на сообраќајните незгоди со потешки последици претставува возењето под дејство на алкохол. Во 2018 година, МВР во Македонија има евидентирано 361 таков случај. Освен рутинските контроли, СВР спроведува и акциски контроли. Една таква акциска контрола беше спроведена од СВР-Струмица на 28 јули годинава, чија цел имаше да открие возачи што управуваат моторни возила под дејство на алкохол. При акцијата, од полноќ до 5 часот, на подрачјето на СВР-Струмица беа откриени и санкционирани 10 возачи.