Општината Аеродром продолжува со чистењето на дивите депонии на својата територија и е во тек акцијата за чистење на ѓубриштето спроти Американскиот колеџ. Надлежните информираат дека деновиве службите работат на расчистување на дивата депонија на булеварот Трета македонска бригада спроти оваа образовна установа.
– Во изминатиот период целосно беа исчистени депониите во близината на амбулантата во населбата Лисиче, просторот меѓу Лисиче и Реонски центар, Бановина во Горно Лисиче, Усјански канал, како и дивите депонии во Долно Лисиче – соопштуваат од општината Аеродром.
Оттаму апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно со отпадот и правилно да го селектираат на соодветните места. Општинарите истакнуваат дека нивна цел е да обезбедат чиста животна средина за сите граѓани.