Многу училишта, градинки и згради градени од поодамна го имаат овој материјал, за кој е докажано дека е канцероген и дека директно влијае врз здравјето на луѓето, а може да предизвика азбестоза, рак на белите дробови и на грлото
Азбестните покриви сè уште остануваат проблем на дел од жителите во главниот град. Азбестните материјали, за жал, може да се најдат многу лесно во опкружувањето, најчесто во комуналниот или индустрискиот отпад, но и објектите што се изградени во минатото. Многу училишта, градинки и згради градени од поодамна го имаат овој материјал, за кој е докажано дека е канцероген и дека директно влијае врз здравјето на луѓето, а може да предизвика азбестоза, рак на белите дробови и на грлото.
Во минатото локалните самоуправи на повеќе општини во главниот град издејствуваа и ги менуваа азбестните покриви на институциите и на станбените објекти на нивната територија. Општината Центар уште пред многу години ги замени покривите од овој тип на сите училишта на нивната територија, а многу други градски локални самоуправи на еден или друг начин дејствуваа за да ги заменат азбестните градежни материјали на објектите во нивната општина.
Со сигурност не може да се прецизира бројката на преостанатите градби што се градени или имаат материјали од азбест во Скопје. Сепак, од градот нѐ информираа дека во установите што се под негова надлежност нема ниту една институција од култура, образование и социјала што уште има азбестен покрив. Градот Скопје вели дека во минатото системски е решен овој проблем кога станува збор за јавните институции и со последните реконструктивни зафати се отстранети сите покриви од азбест.
Градските власти во однос на азбестните покриви водат евиденција само за установите што се во нивна надлежност, додека станбените објекти се во надлежност на инспекторатите за домување и за екологија и на локалните самоуправи. Распишувањето огласи за замена на старите азбестни покриви (како штетни и нееколошки) со нови, од пластифициран лим, со помош на локалната самоуправа, е една од поголемите акции што се случија во општината Карпош. Во неколку наврати во 2014, 2015 и 2016 година на станбените објекти се заменети вкупно 44 азбестни покриви. Од општината информираат дека во тој период се заменети покривите во девет колективни станбени објекти и 35 во индивидуални градби, а освен тоа се заменети азбестните покриви и во училиштата и во градинките во Карпош.
– Општината Карпош опстојува на определбата и натаму да се менуваат старите, дотраени азбестни покриви со нови, еколошки, а динамиката на замена на покривите во наредниот период ќе зависи од финансиската кондиција на општината – велат од оваа локална самоуправа.
Но пред парите, секако, е здравјето на луѓето што се во допир со опасната материја и неопходно е да се заштити нивното здравје. Министерството за животна средина за заштита и превенција од болестите што може да ги предизвика азбестот има објавено правилник за начин на постапување со отпад од азбест и со отпад од приоизводи што содржат азбест. Во овој правилник, како производи што содржат азбест се наведени: азбестен цемент или производи од азбестен цемент, производи на азбестна фракција, азбестни филтри, азбестен текстил, азбестна хартија и картон, азбестни спојки, пакувања и материјали за арматура, азбестни прекривки за под, азбестни плочи и слично. Правилникот дефинира и точно одредени правила за тоа како овие производи треба да се транспортираат, пакуваат и отстрануваат од градбите, секако поради нивното високо ниво на токсичност и штетност по човековото здравје. Но треба да се истакне дека само процесите и постапките со кои се придвижуваат азбестните производи се потенцијално штетни.
Професор доктор Елисавета Стикова, специјалистка по медицина на труд, од Институтот за јавно здравје во Скопје, ни посочи дека пријавувањето на професионалните болести до центрите, а потоа и до Институтот за јавно здравје не функционира целосно и, оттука, во изминатиот период нема регистрирано ниту една професионална болест предизвикана од изложеност на азбест, што не значи и дека вакви болести можеби не постојат меѓу работниците.
– За жал, овластените установи за безбедност на работа сè уште не доставуваат извештаи за обемот и видот на извршената работа и не може да се знае колку работни места се под зголемен ризик заради изложеност на азбест, колкав е бројот на професионално изложените работници, ниту пак колку обуки се извршени за работниците што се професионално изложени на азбест. Најчесто тоа се градежни работници што учествуваат во уривање објекти што биле градени од материјали што содржат азбест, како и оние што учествуваат во транспортот и конечната диспозиција на овие материјали – вели професорката Стикова.
Професорката Стикова исто така ни посочи дека во насока на заштита и превенција од болести предизвикани од азбест постои правилник, објавен од страна на Министерството за труд и социјална политика, за минималните барања за безбедност и здравје на вработените од ризиците поврзани со изложување на азбест при работа. Покрај граѓаните што живеат во близина на објекти што се уриваат или реновираат а содржат азбестни материјали, работниците се оние што стапуваат во директен контакт со оваа опасна материја и се најдиректно изложени на здравствени ризици. Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата на Меѓународната организација на труд за азбест од 1986 година и преку неа се има обврзано за нејзина примена во практика, за безбедност и здравје на професионално експонираните работници. Воведени се редовни инспекциски надзори од страна на Здравствената и санитарна инспекција над редовното пријавување на обемот и видот на извршената работа на овластените установи за медицина на труд (ги има околу 50) и во овој момент сите тие редовно ги пријавуваат извршените превентивни здравствени прегледи, вклучувајќи ги и оние за работници професионално изложени на азбест. Во текот на оваа година се извршени вкупно 28 периодични прегледи кај работници професионално експонирани на азбест, а во текот на 2017 година се реализирани вкупно 241 преглед, поради изложеност на фиброгена прашина, канцерогени материи и азбест.
Иако опасната материја полека се искоренува и денес многу ретко или воопшто не се користи при изградба на новите објекти, важно е јавноста да биде информирана за здравствените ризици и опасноста од азбестот. Самоиницијативата на граѓаните и субвенциите и помошта од градот и локалните самоуправи се од исклучително значење за отстранување на азбестните покриви и зголемување на здравствената безбедност на граѓаните, но и почитувањето на сите пропишани правила и протоколи при ракувањето на азбестот за целокупна безбедност на оние што се директно изложени на него.