Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЕФИКАСНИ СООБРАЌАЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА МЕТЕЖОТ И БЕЗБЕДНОСТА ВО ОПШТИНИТЕ

Општина Гази Баба веќе има преземено активности за решавање на овој проблем, не само на улицата Јани Лукровски туку и во целата населба Автокоманда. Конкретно веќе е направена конкретна сообраќајна студија, која има цел решавање на сообраќајниот метеж во населбата, како и обезбедување паркиралишта. Студијата предвидува воведување нов еднонасочен сообраќаен режим на улиците
Јани Лукровски и Лазар Поп Трајков, нешто што дополнително треба да го намали метежот на улиците 16. Македонска бригада и Киро Глигоров, информираат од Гази Баба

Сообраќајот е една од најболните теми за градот и општините. Локалните и централните власти максимално се посветени на решавање на овој проблем во главниот град, кој изминативе години расте со забрзано темпо. Бројот на жители постојано се зголемува, насекаде се градат згради, населбите се прошируваат, а властите со полна пареа ги користат сопствените капацитети за да одговорат на потребите на жителите. Изминативе неколку години се проширија голем број улици, а истото темпо продолжува и летово, кога се најавени уште многу други реконструкции и проширувања на постојните сообраќајници.

СЕКОЈДНЕВНО СООБРАЌАЈНО ЛУДИЛО

Недостигот од паркинг-места и сообраќајниот капацитет на градот, не можат соодветно да одговорат на рапидниот пораст на бројот на жители што несомнено го направи Скопје главен административен центар.

Со голем проблем секојдневно се соочуваат жителите на Автокоманда, поточно на улицата Јани Лукровски, каде што се лоцирани голем број помали фирми, маркети, трговскиот центар, училишта и градинки.
– Од сабајле, па сѐ до попладневните часови, односно некаде докај 18 часот, на нашата улица буквално владее хаос. Бидејќи паркинзите што ги имаме не одговараат на потребите на сите што работат, живеат и пазарат тука, возила има паркирани по должината на улиците, а застој имаме и по повеќе од десетина минути. Од нашата населба има три излеза и сите три се закочени затоа што буквално врие од автомобили. Да не споменуваме дека од тука минуваат и жители на Чаир, Бутел, но и Маџари, па хаосот е навистина неподнослив. Јас живеам на оваа улица 60 години и она што ни се случува изминатите години е навистина тортура. Не дај боже да заглавите тука, буквално ќе останете и повеќе од триесетина минути во периодот од 16 докај 17 часот. Сообраќајот се растоварува дури по 18 часот, кога поголемиот дел од фирмите се затворени, а граѓаните дома – вели Гоце П., жител на оваа населба.
Според тамошните жители, решение мора да се изнајде, бидејќи зградите во кои живеат, од фреквентната сообраќајница ги дели само еден тротоар по кој, пак, наместо пешаци, се движат велосипедисти, кои, за жал, немаат каде на друго место да возат.

СЕ РАБОТИ НА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ

Од Општина Гази Баба велат дека се запознаени со актуелниот проблем на жителите и најавуваат промена на ваквата слика во населбата.
– Општина Гази Баба веќе има преземено активности за решавање на овој проблем, не само на улицата Јани Лукровски туку и во целата населба Автокоманда. Конкретно веќе е направена конкретна сообраќајна студија, која има цел решавање на сообраќајниот метеж во населбата, како и обезбедување паркиралишта. Студијата предвидува воведување нов еднонасочен сообраќаен режим на улиците Јани Лукровски и Лазар Поп Трајков, нешто што дополнително треба да го намали метежот на улиците 16. Македонска бригада и Киро Глигоров – информираат локалните власти.
Оттаму најавуваат дека целокупниот сообраќај ќе биде побезбеден за сите, бидејќи во план е со студијата да се воведе „зона 30“ за автомобилите.
– Дополнително таа студија предвидува воведување на „зона 30“ на движење низ улиците Јани Лукровски и Лазар Поп Трајков поради неколкуте градинки и основното училиште. Студијата опфаќа поставување нови сообраќајни знаци за вертикална и хоризонтална сигнализација, како и нови паркиралишта и монтажни гаражи. Целата оваа студија набрзо ќе биде презентирана пред граѓаните во населбата Автокоманда – велат од Општина Гази Баба.