Наместо да информираат, дисплеите на автобуските станици на јавното сообраќајно претпријатие понекогаш дезинформираат, а патниците не можат да си го испланираат времето. На оние што пресметале дека ќе стигнат да се прекачат во уште еден автобус, им се случува да го испуштат. Поради тоа губат драгоцено време, па и доцнат таму каде што тргнале. Тоа ги прави нервозни корисниците на јавниот градски превоз, па се прашуваат дали одговорните од ЈСП можат да направат нешто за да нема вакви пропусти на нивните дисплеи. Понекогаш, и покрај информацијата дека автобусот на одредена линија ќе дојде за дваесетина минути, се случува тој да пристигне порано од најавата на дисплејот или, пак, и покрај најавата за тоа дека за кратко на патникот ќе му стигне автобус, тоа да се случи дури за половина час.
Некои скопјани, пак, велат не се проблем само дисплеите, бидејќи некогаш за некои линии неверодостојни се и информациите од возниот ред. Откако за конкретна линија ќе погледнат дека треба да им пристигне автобус во одредената саатница, кажуваат дека им се случувало тоа да не е така, иако чекале две станици погоре од крајната дестинација на таа линија. Тоа значи дека возачите и не тргнуваат на забележаното време во возниот ред, кој, пак, граѓаните некако се навикнаа да го погледнат, па да застанат на станиците да чекаат автобус. Она што најмногу ги револтира корисниците на јавниот градски превоз е дека и покрај тоа што сега се следат автобусите со таканаречениот АВЛ-систем за автоматско лоцирање каде се наоѓа конкретното возило, повторно не се дават прецизни информации.
– Во понеделникот, на 20 август, чекав автобус број 19 на булеварот Партизански одреди. Беше некаде околу 15.30 часот, а на дисплејот се редеа информации за сите други линии, а никако за „19“. По некое време пишуваше дека ќе пристигне за 15 минути, потоа за 11 минути и повторно за 15 минути. Тие 15 минути се повторија трипати, а јас чекав автобус речиси 45 минути. На следната станица зад автобусот во кој се возев се појави уште еден автобус број „19“, што значи тој пристигнал можеби минута-две по оној во која се качив јас. Наместо, по работа, да стигнам дома во 15.30, јас стигнав во 17 часот – објасни револтирана скопјанка.
Од јавното сообраќајно претпријатие тврдат дека главно дисплеите покажуваат реално време на пристигнување на возилата и дека во многу мал број се случаите кога информациите на дисплеите не кореспондираат со она што се случува на терен.
– Не можеме да генерализираме и да кажеме „многупати“ не функционираат дисплеите, имајќи предвид дека имаме секојдневни извештаи од терен за состојбата на дисплеите. Во изминатиов месец се регистрирани 11 случаи на некореспонденција на информациите од дисплеите со реалноста на терен.
Соодветната служба веднаш реагира и проблемот се отстранува во рок од 24 часа. Проблемот настанува од технички причини, поради, условно кажано, грешка во комуникацијата на ГПС-уредот и возилото, односно не станува збор за човечки фактор, туку проблеми со електрониката. Исто така нереализирање на сите утврдени поаѓања во согласност со важечкиот возен ред секогаш се должи на оправдани причини. Според последниот извештај, во изминативе десетина дена не се реализирале 23 поаѓања, што е незначителна бројка, имајќи ги предвид стотиците утврдени поаѓања за само еден ден. Најчеста причина е дефект на возило, односно во одреден момент во гаражата нема доволен број возила во возна состојба, при што најчесто се случува да има на располагање двокатни автобуси, но на одредени линии тие не смеат да се пуштаат во сообраќај поради несоодветната инфраструктура на терен – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.
Од претпријатието напоменуваат дека доцнењата на возилата на станиците се случуваат поради околностите на терен, и тоа најчесто во сообраќајните шпицови, наутро и попладне. Во случајов, значително влијание имаат и застоите поради сообраќајна незгода, расипана сигнализација, како и застанување/толерирање на возачите кон патниците за задоцнет влез/излез во автобус, при што доволно е тоа да се случува на секоја трета станица и автоматски возниот ред се поместува, односно тогаш автобусот доцни.