Фото: Игор Бансколиев

Сѐ почести случаи кога си создаваме проблеми што секојдневно ни го загорчуваат животот

Овој пат ќе се осврнеме на нашиот однос за тоа каде го паркираме своето возило, од аспект на блокирање патеки и пристапни места до влезовите на зградите во густо населените населби, од каде што најблиску треба да се пријде од страна на специјалните екипи за помош и да се интервенира со возилата на итната помош. Исклучително чести станаа случаите кога специјалните возила за помош на граѓаните и воопшто не може да пријдат до посакуваната локација, најблиску до оние што бараат „брза помош“

Скопјани обично велат не дај боже некому да му затреба итна (медицинска) помош, но, кога ќе затреба, сите очекуваме таа да пристигне брзо, сѐ со цел на човекот што има потреба од помош на најбрз можен начин да му биде испорачана потребната нега. Меѓутоа, одредени отежнувачки околности за да може „итната помош да биде брза, навремена и ефикасна“ самите ги предизвикуваме, опструирајќи го текот на настаните, а за итни случаи навистина треба да има непречен тек на одвивање!
Овој пат нема да се навратиме на возачите што немаат ниту минимум сообраќајна култура и во градскиот сообраќај не ни помислуваат да го поместат своето возило кога ќе чујат звучни сирени или светлосни сигнали од возило на итна помош и да му отворат пат на специјалното возило што ита кон својата дестинација – некому брзо да му помогне и да го однесе до најблиската медицинска установа. Овој пат ќе се осврнеме на нашиот однос за тоа каде го паркираме своето возило, од аспект на блокирање патеки и пристапни места до влезовите на зградите во густо населените населби, од каде што најблиску треба да се пријде од страна на специјалните екипи за помош и да се интервенира со возилата на итната помош. Исклучително чести станаа случаите кога специјалните возила за помош на граѓаните и воопшто не може да пријдат до посакуваната локација, најблиску до оние што бараат „брза помош“.

ПАРКИРАЊЕ И НА ПРИСТАПНИ ПАТЕКИ ДО ЗГРАДИ

Факт е дека Скопје има недостиг од паркинг-простор, особено околу зградите каде што едвај има место да се фрли игла, бидејќи истите тие се неплански изградени, а речиси секое семејство има барем две возила за кои мора да се обезбеди паркинг-простор. Меѓутоа, недостигот од паркинзи не е причина за возачите да паркираат каде што ќе стигнат, особено кај зградите, пред пристапните патеки, кои се единствен пат до влезовите на зградите.

Таква е сликата во скопска Железара, Аеродром, Чаир и многу други населби, каде што жителите несовесно ги паркираат своите возила, и тоа на сопствена штета.
Токму оттука и почнуваат реалните проблеми од кои може да зависи човечки живот. Доколку некој од тамошните жители има потреба од брза помош, со блокирањето на патеките, екипите нема да имаат како да пристапат до зградата за да помогнат.

– Имаме редовен проблем со граѓани што паркираат пред пристапната патека до нашата зграда. Во неколку наврати реагирав, дури и се карав со луѓето што паркираа, но залудно. Ниту јас можам да бидам дежурен за да им објаснувам, ниту пак луѓето се свесни и едуцирани за да знаат каде може и каде не може да паркираат. Кај нас тука има маркет во кој пазарат многумина што доаѓаат со возила, па тоа е реален проблем за нас – истакна Миле К., жител на оваа скопска населба.

Проблематични се и зградите што немаат лифтови, или имаат, а не се во функција, затоа што доколку некој има потреба од брза помош и треба да замине во болница, тоа претставува доста сериозен проблем и за семејствата, но и за вработените во брзата помош.
– Нашата зграда е мала, на пет ката, а на петтиот кат живеат постари лица, кои едвај се качуваат до горе. Секогаш кога можеме им пазариме, но, некогаш сакаат да излезат надвор или, пак, едноставно, мора да излезат надвор и тогаш навистина е жално да се гледа со која мака се движат. Сепак, ако некој има потреба од помош и мора да замине во болница, тешко е и за екипите на брзата помош – вели Ружица Димитриевска, жителка на петкатница во Кисела Вода.

БРЗАТА ПОМОШ ИМА РЕАЛНИ ПРОБЛЕМИ

Сите овие проблеми веќе одамна се регистрирани и од страна на екипите на брзата помош, од каде што велат дека сето тоа им е сериозен проблем.
– И несовесното паркирање и немањето лифтови, сите тие проблеми за нас се секојдневни.

Паркирањето на вакви пристапни влезови до згради мора да се решава со повикување пајак-служба. Треба да кружи полиција, која ќе ги детектира таквите ситуации и ќе ги казнува несовесните возачи. Потребно е на терен да се детектираат проблемите – вели Милица Бубало, раководителка на службата за итна медицинска помош, при Здравствениот дом – Скопје.

Според неа, и немањето лифтови е доста сериозен проблем за нивната работа.
– Кога сме во ситуација да нема лифт, нема начин како да се интервенира, како да се симне пациентот. Во тој случај ги замолуваме соседите да ни помогнат за да го симнеме до долу. Се снаоѓаме како знаеме – вели таа.
Ништо подобра не е ниту состојбата во сообраќајот, кога возилото на брзата помош се обидува да се пробие во сообраќајниот метеж.

Бубало вели дека граѓаните најмногу помагаат, меѓутоа, кога се блокирани сите три ленти ни тие не можат да направат чуда.
– Тука би рекла дека грешката е на градот, треба да се набави далечинско управување за контрола на семафорите, со кое ќе се обезбеди зелен бран за брзата помош. На тој начин, возилата што се пред брзата помош ќе почнат да се движат и ќе се ослободи патот за нашето возило. Со такво далечинско, брзата помош сама ќе си прави зелени бранови како што ќе наближува до одредени семафори. На тој начин е решен овој проблем во сообраќајот во светот – потенцира таа.

Според неа, брзата помош нема право да помине на црвено светло и секогаш кога поминува на црвено, тоа го прави поради тоа што другите возачи ја пропуштаат.
– Законски ние немаме право да влегуваме на црвен семафор, иако често влегуваме. Поради ротациското светло нѐ пропуштаат, инаку често стоиме и чекаме да се запали зелено светло. Кога поминуваме така, го ризикуваме и нашиот живот и животот на другите учесници во сообраќајот. Кога би имале зелен бран, не би морале да ризикуваме – нагласува таа.

Оваа практика, според неа, не важи само за Скопје. Таа вели дека секој град треба да вложи и да инвестира за возилата на брзата помош и пожарната да можат брзо да стигнат до местото каде што се потребни.