Фото: МИА

Зоолошка градина на град Скопје моментално е дом на 646 животни, од 91 видови, за кои се грижат зоонегуватели кои професионално си ја работат својата работа и имаат грижа и љубов кон сите животни, информираа од скопската Зоолошка градина, со цел да стават крај на информациите кои изминатите денови се пласираат во јавноста, откако беше објавено дека угинале берберски овци.

– Се обраќаме до јавноста, со цел и надеж дека одредени поединци ќе престанат со ширење дезинформации и  невистини, и со пласирање на информации на начин и со цел да ја вознемират јавноста, како што се објавите за наше прикривање на угинати над 40 животни. Поради тоа сакаме да известиме за бројот на угинати, но и за бројот на родени животни во 2022, 2023 и 2024 година, според официјалната евиденција и попис. Во 2023 година се родени 40, а угинати 10 животни, а во 2024 година се родени 33 животни, а угинати 15 животни. Вкупниот број на родени животни за овие три години е 73, додека пак на угинати е 25. Повеќето од угинатите животни се единки кои биле во длабока старост.  Со оваа официјална бројка сакаме да ставиме крај на дезинформациите за угинати над 40 животни кои се пласираат во јавноста – информираат оттаму.

Како што е наведено во соопштението, в државава има уште многу институции кои се привремен или постојан дом на животни и луѓе, но од ниту една од нив не се очекува и бара, ниту пак тие ја известуваат јавноста за секое угинато животно или починат човек.

– Поради тоа што исто како и на нашата установа, така и на нив, приоритет им е емпатијата кон блиските на угинатото животно или починатиот човек, како и невознемирувањето на јавноста која има емпатија кон сите животни и луѓе. Напоменуваме дека огромен процент на наши посетители е составен од деца – се вели во соопштението.

Оттаму јавно ги поканија советниците од Советот на Град Скопје, сите медиуми, институции, здруженија и други групи директно или индиректно засегнати и заинтересирани за работењето на зоолошката, организирано и со најава да ја посетат Зоолошка градина Скопје и сами да се уверат во начинот на грижата за животните и нивната благосостојба и да се уверат во отчетноста на установата преку евиденцијата и документацијата која ја водат и поседуваат.