Зоолошката градина во Скопје попладнево преку објава на Фејсбук соопшти дека е угината лама која, како што се наведува, изминатиот период била лекувана во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина.
– Би сакале да Ве информираме дека изминатиот период заедно со Факултетот за ветеринарна медицина лекувавме и терапиравме лама која иако беше направено се од медицински аспект и грижа, за жал угина. Обдукцијата и резултатите (со PCR метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза, во процес кој е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту пак постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми. Веднаш во соработка и советување со АХВ (Агенција за храна и ветерина), беа направени туберкулински тестови на сите лами и секојдневно ја следиме нивната ситуација и се под медицински надзор. Ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка, се наведува во објавата.
Претходно, од Агенцијата за храна и ветеринарство за МИА потврдија дека во петокот на барање на скопската Зоолошка градина е спроведен вонреден инспекциски надзор по добиена пријава за угинување на една лама и уште една заболена лама.
– Земени се мостри за лабораториско тестирање од угинатата лама за која е потврдено со лабораториско тестирање дека била болна од туберкулоза. Мостри се земени од заболеното животно лама кое подоцна угинало. Резултатите од анализите кои треба да го утврдат причинителот за угинување и на второто животно се уште не се готови. На одгледувалиштето за лами во ЗОО градина Скопје, од страна на официјален ветеринар наредени се биосигурносни мерки со цел спречување на ширење на болеста и тестирање на останатите лами во одгледувалиштето – се наведува во одговорот од АХВ за МИА.