Да се биде возач не е доволно само да се земат часови, да се полага и да се земе возачка дозвола. Да се биде возач значи дека сте доволно цивилизиран и зрел одговорно да учествувате во сообраќајот, да ги почитувате правилата и прописите. Во спротивно, доколку сите би се однесувале како сакаат, во сообраќајот би настанала анархија. Впрочем, анархијата не е добра никаде, тоа е владеење на хаосот, на себичноста и на поединецот. А такви појави на агресивни и самоволни учесници во сообраќајот се забележуваат сѐ повеќе на улиците во Скопје
НЕРВОЗНИ ВОЗАЧИ ВРШАТ ТОРТУРА НАД СОУЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ
Брзи и бесни е добар наслов за филм, но истиот тој наслов, за жал, одговара на секојдневието во главниот град. За жал, низ скопските улици, покрај тоа што се вози како на трки, најголем проблем е што нетрпението од некои возачи се префрла на сите учесници во сообраќајот. Дополнително, сериозен ризик за безбедноста на пешаците се влезовите во градот, каде што сѐ уште се вози со брзината воспоставена од автопатиштата, па возачите забораваат дека навлегуваат во градско и населено подрачје и продолжуваат да возат со брзина и над 100 километри на час.
СООБРАЌАЈНО МАЛТРЕТИРАЊЕ
Да се биде возач не е доволно само да се земат неколку часа, да се полага и да се земе возачка дозвола. Да се биде возач значи дека сте доволно цивилизиран и зрел одговорно да учествувате во сообраќајот, да ги почитувате правилата и прописите. Во спротивно, доколку сите би се однесувале како сакаат, во сообраќајот би настанала анархија. Впрочем, анархијата не е добра никаде, тоа е владеење на хаосот, на себичноста и на поединецот.
Проблемот кај нас во нашиот сообраќаен тек е токму во тоа што одредени поединци со своето непочитување вршат притисок врз другите учесници во сообраќајот, свирејќи им, блендирајќи им и буквално малтретирајќи ги низ улиците.
За жал, такви случки до Редакцијата на „Нова Македонија“ пријавија голем број граѓани, кои велат дека на лудилото во сообраќајот му нема крај.
– Ги носев двете деца на лекар во Тафталиџе. Јас ја почитував брзината од 50 километри на час, никогаш не ја пречекорувам. Зад мене се погоди еден со црн џип, кој ми блендираше и ми се лепеше до возилото за да забрзам. Ми свиреше, буквално ми вршеше пресија додека возев. Ме претекна од другата лента и на семафорот застана пред мене. Кога јас пристигнав на семафорот, тој за да ме исплаши и да покаже колку е голем фраер возеше во рикверц додека јас се движев. Се исплашив и закочив во место. Кога тој се врати повторно нанапред, јас повторно тргнав, за да не стојам среде празна улица, но тој повторно префрли во рикверц и повторно притисна гас и стигна до моето возило. Јас повторно притиснав кочница. Се преплашив, не знаев со каков човек си имам работа. Манијаци и во сообраќајот малтретираат. Децата ми се исплашија, двете беа со висока температура – ни напиша Наталија Арсовска.
Таа додава дека најмногу се исплашила затоа што не знаела со каков човек си има работа и што да очекува.
– Со оглед на неговото шерифско однесување, се исплашив да не излезе од возилото и да ми предизвика некоја штета, да ме удри или да направи нешто посериозно. Тврдам дека на секои десет години треба возачите да полагаат здраворазумски тест, дали имаат здрави нерви и дали се способни да се справат со сообраќајните правила и прописи. Во спротивно, ние што го почитуваме законот буквално сме силувани како учесници во сообраќајот – вели таа.
НЕРВОЗАТА МОЖЕ СКАПО ДА ГИ ЧИНИ ВОЗАЧИТЕ
Дека имаме премногу „шерифи“ низ улиците, сите сме свесни. Многумина од нив, без некакви последици по себе и својата возачка дозвола, продолжуваат да се однесуваат манијакално низ улиците – да свират, да малтретираат, да присилуваат.
Тоа е доста сериозен проблем, за кој психологијата и експертите велат дека станува збор за низа комплекси од кои страдаат сѐ поголем број жители.
Според психолозите, нервозата од работното место и од дома се префрла на улиците, па токму брзото возење се користи како издувен вентил.
– Некултурата во сообраќајот, постојаното притискање на свирката и вршењето притисок на другите учесници во сообраќајот се само показател дека нервозата од работното место и од домот се префрлаат на улиците. Во овој случај најголем проблем е тоа што таквото однесување е животозагрозувачко, односно може да ги чини живот сите учесници во сообраќајот, а најмногу оној што го предизвикува тој хаос – се вели во едно истражување направено токму на оваа тема во Европа.
Според анализите, нервозата треба да се остави надвор од возилото.
– Кога ќе влезете да управувате автомобил, потребно е да бидете смирени, стабилни и сталожени. Нервозата може скапо да ве чини, бидејќи ви ја намалува концентрацијата, која многу ви е потребна за да стигнете безбедно до саканата дестинација – вели Горан, инструктор за Б-категорија.
НА ВЛЕЗ ВО СКОПЈЕ СЕ ВОЗИ СО 70, НЕ СО 120 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС
Возењето секогаш треба да биде во согласност со законските правила и прописи, тема за која изминатиот период беа спроведени голем број кампањи и активности.
Сепак, една е пропишаната брзина со која се вози на автопатиштата низ земјава, а сосема друга е брзината со која е дозволено да се вози низ градот.
Жителите што живеат во околината на влезот во Скопје од страната на Илинден и Петровец, па и кон Автокоманда, велат дека најголем проблем им се возилата што возат опуштено со брзината со која се движеле по автопатот.
– Страв ни е и улица да преминеме, бидејќи возачите што доаѓаат од пат не ја регулираат брзината, односно не ја намалуваат, па, така, тука се вози дури и со 120 километри на час. И покрај тоа што веќе се влезени во градот, брзината останува иста. Јас живеам во зграда на влезот во Скопје, кај една позната слаткарница на самиот автопат, па кога одам да купам нешто од бензинската и кога треба да преминам улица, и покрај тоа што има пешачки премин и возачите гледаат и се свесни дека постои можност улицата да ја преминуваат пешаци, тие продолжуваат да возат брзо, ризикувајќи го нашиот живот како пешаци – вели Слободан Крстевски.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека во членот 35 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е регулирана брзината на движењето на возилата во населено место и гласи: (1) На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 км/ч., односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за определен негов дел. (2) По исклучок од ставот (1) на овој член, на јавен пат во населено место, чии сообраќајно-технички елементи го овозможуваат тоа, може со сообраќаен знак да се дозволи движење со возило и со брзина поголема од 50 км/ч., но не поголема од 70 км/ч.
– На сообраќајницата од исклучокот на автопатот кај клучката Хиподром до клучката Ченто, брзината на движењето на возилата е ограниченa на 70 километри на час – информираат од МВР.