Фото: „Нова Македонија“

Град Скопје воведува ново правило – од 22 часот навечер до 6 часот наутро строго се забранува фрлање ѓубре.

Одлуката, изгласана од советот на Градот на предлог на градоначалникот, има за цел да го подобри собирањето на отпадот и да спречи создавање диви депонии околу контејнерите.

Секој што ќе ја прекрши забраната ќе се соочи со парична казна од 50 евра.

Од градот објаснуваат дека оваа мерка им дава правена основа на инспекторите и комуналните редари да санкционираат физички и правни лица што нема да го почитуваат дозволениот термин за одлагање отпад.

Претседателот на советот, Даме Димитровски, ја поздрави мерката, посочувајќи дека слични практики функционираат и во други метрополи.

– Во Истанбул имаше само 15 минути дозволено време за фрлање ѓубре рано наутро. Во Токио секој вид отпад има точно утврден термин за собирање. Верувам дека кога ќе воведеме и корпи за селекција, системот ќе биде уште поефикасен – изјави Димитровски.

Mерката наиде и на силна критика. Советничката на Левица, Катерина Јовановска, ја оцени како скандалозна.

– Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да се префрла врз граѓаните. Ограничувањето кога смеат да фрлаат ѓубре, па уште и со казни, е невиден скандал – рече Јовановска.

Покрај забраната за фрлање ѓубре, советниците изгласаа и ребаланс на буџетот со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“.