Фото: Пиксабеј

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје апелира до сите жители на Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ и денеска се продолжува со енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем. Како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.

– Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл. Воедно апелираме и до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење – наведува јавното претпријатие во соопштение.

Доколку граѓаните забележат див приклучок, се апелира да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk.

Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје, укажува ЈП „Воодвод и канализација“ Скопје.