Во Скопје од синоќа е поставена божиќната пештера, од страна на здружението „Бадникови поворки“, а со дозвола на Град Скопје.
Околу неа има ограда, елки, фенери, кои уште повеќе придонесуваат за празничниот божиќен амбиент. Како што објавија на својата фејсбук страница од „Бадникови поворки“, за време на Бадник бесплатно ќе бидат поделени над 2.000 златни божиќни ѕвездички на децата кои ќе дојдат да учествуваат во најголемата бадникова поворка.
– Нејзиното празнично присуство на градскиот плоштад ќе ни ги грее срцата, ќе нè потсетува на суштината и на радоста што ни доаѓа. Токму овде, на Бадник – 6 јануари 2024 година (сабота) во 11 часот, бесплатно ќе бидат поделени над 2.000 златни божиќни ѕвездички на децата кои ќе дојдат да учествуваат во најголемата бадникова поворка што веднаш по малиот божиќен концерт на Златно славејче и македонските поп ѕвезди, традиционално ќе започне од Камениот мост, а ќе заврши во Соборниот храм „Св.Климент Охридски” со топол прием и дарување од Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан – велат од здружението.
Како што посочуваат, главниот град го следи примерот на останатите метрополи како Рим, Виена, Атина, Прага… кои во пресрет на божиќните празници ги украсуваат своите плоштади поставувајќи пештери.