Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека утре 19.01.2024 (петок), поради активности по повод верскиот празник Водици, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Од МВР информираат дека од 08 часот па се’ до завршување на активностите, во центарот на град Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул.„Филип Втори Македонски“, на потег од крстосница со бул.„Гоце Делчев“ до крстосница со ул.„11 Октомври“, во двете насоки.
Во Општина Ѓорче Петров од 08 часот за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански одреди“, до ул.„Ѓорче Петров“, па од ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.
Во Општина Аеродром од 10 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
МВР апелира до сите граѓани – учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите од униформираните полициски службеници.
Поради верскиот празник Богојавление (Водици), утре (19 јануари), јавниот превоз на ЈСП Скопје ќе функционира по неделен возен ред, а исклучок ќе бидат линиите 18А, 32, 51, 56, 56А, 70, 74, 81, 118 и 180 кои ќе сообраќаат по саботен возен ред.
Во сабота, 20 јануари, ќе се вози по неделен возен ред, со исклучок на посочените линии, кои ќе функцинираат по саботен возен ред.
Во петок (19.01.2024 год) дежурни од 7 до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во „ Ѓорче Петров“, а во сабота (20.01.2024 год) сите ќе работат со вообичаеното работно време.
Жичницата сите денови ќе работи од 10 до 17 часот, соопшти ЈСП Скопје.