Со оваа неодлучност на централната и на градската власт, на Скопје му се заканува губење на можниот избор за титулата Европски град на културата за 2028 година, зад чија апликација стои токму Универзалната сала
Реконструкцијата на Универзалната сала, која важи за едно од обележјата на главниот град, за жал, не беше изгласана на последната седница на Советот на Град Скопје. Поради голем број причини, најчесто политички надмудрувања и политикантски калкулации, еден од главните симболи на главниот град нема да се изгради и обликува како нов и безбеден објект, во кој ќе продолжат да се одржуваат манифестациите што порано традиционално се одржуваа.
ПОЛИТИЧКИ калкулантски игри
Последната седница на Советот на Градот Скопје не донесе ништо ново. Многубројни политички бесполезни дискусии, а сите на сметка и преку грбот на граѓаните, со кои всушност тие не добиваат ништо, освен „шунд-забава и петпарачки чаршиски муабети“.
Советниците на владејачката СДСМ имаа иницијатива со која предлагаа реконструкцијата на Универзалната сала да ѝ се препушти на Владата, односно на Министерството за култура. Нивната одлука не беше усвоена откако за неа се изјаснија само 15 советници.
Според советниците од опозициските партии треба да се изнајде начин да се мотивираат Градот и градската администрација за конечно да почне реконструкцијата на салата, бидејќи тоа било предлог на Градот што бил претставен во програмата. Други, пак, на една година пред избори, не би ја препуштиле реконструкцијата, затоа што тоа практично би значело препуштање таков проект заради „предизборни политички поени“.
За препуштањето на Универзалната сала на Министерството за култура се зборува уште од крајот на минатата година, кога со градоначалничката Данела Арсовска имаа средба министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. Тогаш тие излегоа со тврдење дека салата ќе биде преземена од министерството, за што тогаш изјавија дека добиле согласност од Арсовска.
Потоа во јавноста и од страна на Градот и од страна на Министерството за култура беа објавувани информации дека едните на другите требало да си испратат писмени барања и одговори, но оти никој никому ништо не испратил, што практично значи дека топката за реконструкцијата си ја префрлаат едни на други, додека на реконструкцијата на Универзалната сала подолг период никој ништо не работи и таа пропаѓа од временските непогоди.
Градоначалничката на оваа тема истакна дека таа не може да донесе никаква одлука за отстапување на салата и оти не ни сака да му ја отстапи на министерството и додаде дека таква одлука може да донесе само градскиот совет.
Објектот требаше уште во 2021 година да биде ставен во употреба со обнова во постојниот облик и габарит. Уште во 2020 година беа обезбедени сите средства за започнување и целосна реконструкција на објектот, а целта беше да се задржи автентичниот изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.
МОЖНО ГУБЕЊЕ НА можноста за борба за ТИТУЛАТА – ЕВРОПСКИ ГРАД НА КУЛТУРАТА ЗА 2028 Г.
Со оваа неодлучност на централната и на градската власт, на Скопје му се заканува губење на можниот избор за титулата Европски град на културата за 2028 година, зад чија апликација стои токму Универзалната сала како институција.
Титулата Европска престолнина на културата е можност за градот однадвор да се генерираат значителни средства за културни, социјални и економски настани, што може да помогне во поттикнување на урбаната регенерација, промена на имиџот на градот и подигнување на неговата видливост и профил на меѓународното ниво, вдишување нов живот во градската култура и зајакнување на туризмот.
Европска престолнина на културата е катализатор – процес што отвора нови можности за градење партиципативна, транспарентна и долгорочна и одржлива визија на градот. ЕПК функционира како амалгам што постои за да ги обедини и за да ги активира граѓаните и за да го врати колективното чувство на нивна припадност во локалната заедница. Идејата за кандидатурата за ЕПК треба да биде јасна за сите граѓани и во неа треба да учествуваат сите засегнати страни од различните сектори, кои може и треба да придонесат во создавањето на содржините и нивната реализација.
– Градот Скопје одбира да учествува во овој проект поради тоа што тој нуди шанса, низ долгогодишна подготовка на кандидатурата, да развие богата и актуелна културна понуда, да отвори процеси на себеиспитување и да ги зајакне капацитетите за управување со сложени, амбициозни културни проекти. Во овој процес, градот ќе добие можност да ги истакне својата разновидност, мултикултурност, транскултурност, повеќејазичност и европски идентитет. Скопје ќе има можност да ги обедини луѓето и нивните различни интереси, да иницира дијалог и да создаде нова позитивна енергија. Проектот ќе се фокусира на создавање нов меѓународен имиџ, кој ќе привлече повеќе уметници, творци, културни експерти, но и туристи што ќе ја подобрат локалната економија. ЕПК ќе го афирмира културниот статус на градот во поширокиот европски простор, но побитно од тоа – ќе им дозволи на граѓаните преку културата самите да дејствуваат врз колективен соживот – стои на интернет-страницата отворена токму со оваа намена, да ги информира граѓаните за важноста и значењето на оваа титула.
Одлуката да се влезе во процес на кандидирање за ЕКП 2028 година беше донесена од страна на градскиот совет, во 2019 година, а носител на проектот е токму Универзалната сала.
Симбол на постземјотресно Скопје
Непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, со отстранувањето на тешките последици и обновувањето на градот, започнала изградбата на Универзалната сала, како трајно одбележување на хуманата акција на дарители од странство.
Во мигот на катастрофата, Скопје воспостави низа контакти со светот. Човечката солидарност дојде до целосен и безрезервен израз на сите полиња од животот. Во областа на културата тоа се изрази преку „Средбата на солидарноста“, која се реализира уште во првата година по земјотресот. Културно-уметничката манифестација „Средба на солидарноста“ е од посебно значење за градот, неговото постземјотресно траење и развој.
Идејата се изрази во остварување меѓународна манифестација што ќе ги собере еднаш во годината во Скопје претставниците на земјите што му укажаа помош на разурнатиот град, и тоа со средба на културно-уметнички ансамбли и спортски екипи.
Оваа идеја за првпат е остварена во 1964 година од 26 јули до 2 август, во организација на посебен организациски одбор, продолжува неколку години потоа, добива нови димензии на хуманост и меѓународна солидарност, во вид на продлабочување на врските, соработка и збратимување на градовите.
Во разрушениот град веднаш се појавува проблемот со простор за организирање на овие манифестации, односно започна да се размислува за една таканаречена „универзална сала“ во која ќе можат да се организираат културно-уметнички, но и помали спортски манифестации.
Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје носи одлука за изградба на еден ваков објект што ќе биде од монтажен карактер.
Во изградбата со значајна материјална/финансиска помош учествувале повеќе од 35 земји од светот, со чии средства е купен објектот Универзална сала од фирмата „Техноекспортстрој“ од Софија, Република Бугарија.
На 11 јули 1964 година во Софија е потпишан договорот за купопродажба на објектот „Универзална сала“, со вкупно 1.800 седишта.
За 10 месеци од потпишувањето на договорот за купопродажба, во 1965 година никнува објектот Универзална сала. Иако недовршен и без технички прием, во период од 26 јули до 2 август 1965 година ги прима учесниците на втората „Средба на солидарноста“, која вклучувала седум настани следени од околу 10.000 посетители.
Салата е официјално пуштена во употреба на 10 јануари 1966 година, како центар за организирање приредби.
Вкупно се одржани повеќе од 5.000 манифестации следени од над 5.800.000 посетители.