Фото: принтскрин

Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да се расправа за нефункционирањето на јавниот превоз во градот, откако автобусите на ЈСП прекинаа да сообраќаат поради недостиг на гориво.

-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Совет на град Скопје на 21 ноември, ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена – сподели Славески преку социјалните мрежи.

Свикување вонредна седница за проблемите со превозот побара и опозициската СДСМ. Лидерот на партијата Венко Филипче преку соопштение предупреди дека состојбата во Скопје е алармантна и оти градот е во криза. Иницирана е итна седница на Советот на Град Скопје за да се изнајдат конкретни мерки за излез од кризата.

– Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, ќе го преиспитаме нашето учество во Советот, бидејќи нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град – соопшти Филипче.

Јавниот превоз во главниот град од вчера е максимално редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје.

Од вчера попладне сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров.

Од Град Скопје, пак, одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлаат на совтениците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите.