Фото: ФБ Орце Ѓорѓиевски/Општина Центар

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за иден градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека на иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски денеска бил одржан состанок со сите скопски градоначалници во рамки на ЗЕЛС, со една единствена цел, да се изнајде решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена”.

– Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија. Иако неколку пати интервениравме во изминатите години, тоа беа само привремени, секундарни интервенции бидејќи општините немаат сопствена механизација, ниту пак ингеренции да ги празнат контењерите – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Ѓорѓиевски, кој влезе во вториот круг како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, истакна дека во изминативе неколку дена сите градоначалници од скопскиот регион, со поддршка од општествено одговорни компании се обидувале да го амортизираме хаосот што го зафати градот.

– Денес разговараме не само за тоа како да делуваме во наредните неколку дена до крајот на изборите, туку како трајно да го решиме проблемот со хигиената во Скопје. Ќе побараме поддршка и од нашите колеги надвор од градот Скопје, со цел заеднички да придонесеме за расчистување на овој метеж – објави Ѓорѓиевски.

Тој упати апел до раководството на „Дрисла” да покажат разбирање и да не вршат опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот што се таложи низ скопските улици.

– Нашите сограѓани редовно си ги плаќаат сметките но за жал, услугата од градското претпријатие не ја добиваат. Затоа ќе дадеме сѐ од себе во наредните денови, а како што ветив – во првите 72 часа по преземањето на функцијата градоначалник, конечно ќе го исчистиме Скопје и ќе ставиме крај на оваа агонија – нагласи Ѓорѓиевски.

Герасимовски пред почетокот на средбата со претставниците на ЗЕЛС за хаосот со сметот во Општина Центар, но и на територија на градот Скопје потенцираше дека мора да се најде итно решение за овој проблем кој веќе ги помина сите граници на нормално живеење.

– Изминатите пет дена немаше воопшто ниту еден камион од комуналното претпријатие на територија на Општина Центар. Ние имаме дополнително изнајмена механизација, нашите хигиеничари работат во две смени за отстранување на сметот од улиците. За жал, и тоа не е доволно, искрено не е доволно. Гледаме што секојдневно се случува, немаме ингеренции да го отстрануваме сметот од самите контејнери, немаме ни таква механизација, туку го отстрануваме само сметот покрај самите контејнери. И тоа не е доволно – рече Герасимовски.

Тој додаде дека дополнително има кучиња скитници кои го разнесуваат целото ѓубре по улиците, што им создава дополнителен проблем на хигиеничарите.

– Но, даваме се од себе да го подигнеме нивото на хигиена на повисоко ниво. Верувам дека јавното претпријатие ќе се свести и дека во наредните денови ќе се појави низ Општина Центар и другите општини за да го тргне сметот од улиците – рече Герасимовски.