Protest Kocani sekavanje
Фото: Маја Јаневска Илиева

На плоштадот „Македонија“ во Скопје вечерва се одржува собир во чест на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март оваа година. Настанот е организиран од иницијативата „Кој е следен?“, со цел оддавање почит кон загинатите и поддршка за нивните семејства и повредените.

Со ова, како што беше кажано вечерва, се оддава почит кон загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани и се дава поддршка кон нивните најблиски кои се соочуваат со огромна загуба. Поддршка е упатена и кон повредените, кои се во процес на рехабилитација, од несреќата што се случи пред шест месеци.

Граѓани во центарот на Скопје може да остават и пораки до семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март годинава, зеде 62 жртви, а околу 200 лица се здобија со повреди и беа пренесени на лекување во болниците низ земјава и странство.