Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека е отворен нов шелтер-центар за жртви на семејно насилство, со што се обезбедува сигурност, заштита и нов почеток за лицата кои се соочуваат со насилство.

Како што објави, Град Скопје потпишал договор и официјално предал стан во сопственост на градот на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“, претставувана од извршната директорка Елена Димушевска.

– Овој простор не е само стан, туку засолниште, надеж и нова шанса. Место каде што стравот се заменува со сигурност, а болката со разбирање – наведува Ѓорѓиевски.

Од безбедносни причини, локацијата на шелтер-центарот не се открива.

Во објавата се посочува дека со обезбедување на соодветни услови за работа и згрижување се зајакнуваат сервисите кои нудат директна помош, советување и заштита на жртвите на семејно насилство.

Градоначалникот истакна дека оваа мерка е дел од пошироката визија за градење безбедна, солидарна и инклузивна заедница, во која секој граѓанин ќе има поддршка во најтешките моменти.

Паралелно, преку јавен повик за финансирање, обезбедени се средства за здруженија и организации кои работат на превенција и директна заштита од насилство, со што се зајакнува соработката меѓу институциите и граѓанскиот сектор.

– Насилството нема место во ниту еден дом. Секој човек заслужува живот без страв и понижување – порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека градот ќе продолжи со политики за системска заштита и поддршка на жртвите.