Илустрација / Фото: Пиксабеј

Грозоморен чин. Јас бев еден од првите што отидоа да му помогнат на соседот. Врескањето што одекнуваше беше морбидно. Беа фрлени врз него, го имаа гризнато, го тегнеа и влечеа. Никако не успеав да ги оттргнам, ги влечев, ги тегнев и на крајот морав да земам метална прачка да ги удирам, со надеж дека ќе го спасам соседот – вели очевидец на целиот настан

Застрашувачки инцидент се случил во вторникот на кејот на реката Вардар во скопско Влае. Две кучиња од расата питбул, кои не биле улични, а сепак биле пуштени сами низ скопските улици, нападнале 77-годишен скопјанец, кому му нанеле животозагрозувачки повреди. Оние што први отишле да му помогнат на кутриот човек, потресено раскажуваат за застрашувачките сцени, во кои едвај успеале да ги оттргнат агресивните кучиња.

СЕ ЗГОЛЕМУВА СТАТИСТИКАТА

Според првичните информации што ги објавија од Министерството за внатрешни работи, на 8.11.2022, околу 11.30 часот, во СВР-Скопје било пријавено дека на улицата Франце Прешерн во Скопје, на кејот на реката Вардар, две кучиња од расата питбул со сопственик го нападнале Б.С. (77) од Скопје и му нанеле тешки телесни повреди.
На 9 ноември, во полициската станица во Кисела Вода бил извршен разговор со сопственикот, а кучињата биле одземени и предадени во ЈП „Лајка“. По целосното документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против сопственикот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Една по една, статистиките се множат, а инцидентите стануваат секојдневие. Бројката на нападнати од кучиња се зголемува и се чини дека работата излегува од контрола. Но она што повеќе загрижува во случајов е дека не станува збор за кучиња скитници, чии напади станаа речиси секојдневие во Скопје, туку овој пат станува збор за кучиња што имаат сопственик.

СЦЕНИ КАКО ОД ХОРОР-ФИЛМ

Според очевидците и соседите на нападнатиот, сѐ се случувало многу брзо, но тие велат дека никогаш нема да ги заборават криците за помош на беспомошниот човек.
– Грозоморен чин. Јас бев еден од првите што отидоа да му помогнат на соседот. Врескањето што одекнуваше беше морбидно. Беа фрлени врз него, го имаа изгризано, главата му беше целата во крв, имав впечаток како да му ги беа одгризнале ушите на соседот. И двете беа нафрлени врз него како во некој хорор-филм. Нападнатиот сосед по извесно време како да не даваше знаци на живот. Разулавените пци го влечеа, а зад нив остануваше крвава трага… Никако не успевав да ги оттргнам, ги влечев, ги тегнев и на крајот морав да земам метална прачка да ги удирам, со надеж дека ќе го спасам соседот – вели очевидец на целиот настан.
Според него, добро се запознаени за кои кучиња станува збор, бидејќи ова не е првпат сопственикот да ги пушти сами да шетаат на кејот, каде што секојдневно има голем број рекреативци, спортисти и мали дечиња.
– Тоа се лица од Злокуќани, ние добро ги знаеме, бидејќи ова е редовен проблем за нас. Постојано ги пуштаат сами да шетаат, а станува збор за една од најагресивните раси. Крв имаше насекаде, а човекот беше испокасан по целото тело. Никако не успеавме да му помогнеме, викнавме брза помош, која го презеде човекот и го однесе во болница. Полицијата дојде по еден час, откако човекот беше веќе во болница. Ние добро го познаваме нападнатиот, кој е мирен, никогаш немал проблем ниту со кучиња ниту со нас, соседите – вели тој.
Тој потенцира и бара од сите надлежни институции, вклучувајќи ги и оние за заштита на животните, да преземат мерки и за овие случаи, бидејќи тамошните жители воопшто не се чувствуваат безбедно.
– Како што реков, ова не е првпат тие кучиња да се пуштени слободно да шетаат, без заштитна маска и поводник и без нивните сопственици. Бараме да се најде решение, ние ќе ги кажеме сите информации што ги знаеме, за да се реши овој проблем – вели тој.
Во обид да дознаат како е нивниот сосед, соседите се упатиле во неговата куќа, но целото семејство било заминато во болница, каде што лекарите се борат за неговиот живот.