Фото: МИА

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски во петокот беа разрешени од функција, соопшти Град Скопје.

Градските власти како причина за разрешувањето на Велковски го наведуваат неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

– Велковски, во петокот е разрешен заедно со в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер – се вели во соопштението.

Велковски преку Фејсбук ги наведе причините за неговото заминување од функцијата.

– Како човек кој секогаш одговорно и професионално си го извршувал своите работни задачи морам да потенцирам дека за мене беше вистински предизвик да бидам на позицијата генерален секретар на Градот Скопје, особено што тоа е место каде човек може вистински да се вгради во развојот и Скопје и да работи на вистинско решавање на бројните проблеми на скопјани. На ова место дојдов со ентузијазам и план да воспоставиме вистинска работна практика и да ги покренеме процесите кои повеќе години претходно беа заглавени и далеку од потребното ниво. Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам, барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Таа овие денови ме извести дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир. Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во градот кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе. Сакам да посочам дека јас ќе продолжам да придонесувам за Скопје од позицијата советник во Општина Чаир, останувам и посветен на мојата ВМРО ДПМНЕ и членовите на Општинскиот комитет Чаир кој го предводам, благодарам за укажаната доверба и поддршката од сите мои пријатели и соработници, на поддршката од мојата партија и претседателот Мицкоски со кој продолжуваме да го остварувамe она што неминовно ќе мора да се случи за да Македонија се крене, промени за сигурна иднина! – напиша Велковски.