ЈП Водовод и канализација – Скопје соопшти дека се продолжува со енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем, којшто функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот. Стабилизарање на водоснабдителниот систем се очекува во период по 23 часот, наведуваат од ЈП.
– Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, АПЕЛИРАМЕ до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл – наведуваат од скопското ЈП.
Воедно, повторно апелираат и до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење.
-Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават (на 02 3073 010, [email protected]или www.vodovod-skopje.com.mk ). Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје – стои во соопштението.