Приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес“ најави дека е можно од утре да не сообраќаат на линиите 19, 20,22, 52 и 54 поради неисплатен долг од страна на ЈСП и Град Скопје.
Сопственикот на компанијата Милорад Димитријевски бара итна средба со раководството на ЈСП и градската власт.
– Поради неподмирените долгови од страна на ЈСП, се доведува во прашање нормалното функционирање на јавниот превоз. Имено, моменталниот долг на ЈСП кон претпријатието Макекспрес превоз до овој момент изнесува повеќе од 30 милиони денари и овој долг секојдневно расте, линиите 19, 20,22, 52 и 54 од утре најверојатно нема да бидат функција – изјави денеска Димитријевски.
Бара исплата на долгот за август, септември и октомври и да се почне со редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз.
Во спротивно, вели Димитријевски, нема да бидат во можност да го извршуваат превозот и напомена дека за да можат нормално да работат, парите им се итно потребни за набавка на гориво, резервни делови за тековно одржување на автобусите, како и за исплата на плати и придонеси за возачите.
– Станува збор за секојдневен трошок од стотици евра што на име на гориво го имаат превозниците, а при тоа не ги добиваат парите за извршената работа. Во изминатиот период се соочивме со непријатна ситуација, дел од возилата од линиите 19 и 20 да се исклучат од сообраќај – рече Димитријевски.
Додаде дека поради доцнењето на исплатите во последниот период, реализацијата на превозот паднала под 80 проценти и истакна дека поради тоа градската власт сега ја разгледува опцијата за раскинување на договорот со ова претпријатие.
– Како што градската власт на прес конференции побара должниците да си ги платат долговите кон ЈСП, така и ние сега бараме од градската власт да ги подмири своите долгови кон приватните превозници – нагласи тој.
„Макекспрес“ врши превоз на патници на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Имаат регистрирано 53 фирми и вкупно 77 возила.